3 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи благо паднаа, еврото под 1,08 долари, нафтата и натаму расте

Азиските берзи благо паднаа, еврото под 1,08 долари, нафтата и натаму расте

Chinese stock investors check their shar

На повеќето азиски берзи цените на акциите во понеделникот паднаа под влијание на падот на берзанските индекси во светот во петокот, додека во Шангај цените значително пораснаа благодарејќи на новите монетарни поттикнувачки мерки на кинеските власт, а еврото под притисок од грчките проблеми се симна под 1,08 долари. Нафтата пак го продолжува растот одразувајќи ги состојбите на Блискиот исток и САД.

На токиската берза индексот Nikkei 225 во претпладневното тргување по средноевропско време беше во плус од 0,3 отсто, додека цените на акциите на континенталната берза во Шангај скокнаа за околу 1 отсто. Берзанските индекси во Јужна Кореја, Хонгконг, Сингапур и Австралија, пак, паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто, па MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во понеделникот претпладне беше во минус од 0,1 отсто, откако минатата седмица го достигна највисокото ниво во последните седум години.

Најмногу пораснаа, за околу 1 процент, цените на акциите во Шангај, благодарејќи на одлуката на кинеската централна банка за намалување на стапката за задолжителната резерва на банката од 19,5 на 18,5 отсто. Тоа е веќе второ намалување на оваа стапка во последните два месеца, со што монетарните власти во Пекинг се обидуваат да го поттикнат кредитирањето, а со тоа и растот на економијата.

Овој потег беше очекуван, имајќи предвид дека растот во втората според обемот светска економија веќе подол период забавува. Кинескиот бруто домашен производ (БДП) во првиот квартал од 2015 година порасна за 7 отсто во однос на истиот минатогодишен период, што е најбавното во шест години.

„Намалувањето на стапките за издвојување на резервите е поголемо отколку што се очекуваше. Тоа ќе ја големи ликвидноста на пазарот за околу 1.000 милијарди јуани“, вели за Reuters Ченг Канг, аналитичар во компанијата „Shenwan Hongyuan Securities“.

Тоа позитивно влијаеше врз берзата во Токио која благо порасна, откако минатата седмица тамошниот индекс Nikkei падна за 1,3 отсто. Но на другите азиски берзи цените на акциите во понеделникот паднаа бидејќи инвеститорите ги загрижи остриот пад на берзанските индекси во Европа во петокот поради загриженоста за судбината на Грција, како и на њујоршки Волстрит, кој е под притисокот на анемичните деловни резултати на американски компании.

А на валутните берзи американскиот долар и натаму е под притисок, бидејќи поради низата сигнали за забавување на растот на американската економија, сé помалку е веројатно дека тамошната централна банка Federal Reserve (Fed) ќе ги зголеми клучните каматни стапки веќе во јуни.

Откако минатата седмица индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, потона за 1,8 отсто, а во понеделникот претпладне падна за дополнителни 0,1 отсто, на 97,43 поени. Притоа во однос на јапонскиот јен курсот на доларот се симна на 118,80 јени, додека во петокот навечер изнесуваше 118,90 јени. Во однос, пак, на еврото, доларот зајакна, па цената на еврото се лизна од 1,0805 долари во петокот на 1,0787 долари во понеделник претпладне по средноевропско време.

Еврото е под притисокот на грчката должничка криза, бидејќи Атина и нејзините партнери од еврозоната сé уште не постигнале напредок по прашањето за реформите коишто Грција би требало да ги спроведе за да ја добие новата странска финансиска помош со која би го избегнала банкротот и излегувањето од еврозоната. Министрите од еврозоната треба да се сретнат на 24-ти април за да се обидат да изнајадат решение за Грција.

Цените на нафтата, пак, во понеделникот претпладне го продолжија растот поради судирите на Блискиот исток, и сигналите за намаленото производство во САД. Откако минатата седмица скокна за повеќе од 8 отсто, во понеделникот претпладне цената на нафтата на американскиот пазар порасна за натамошни 1,14 отсто, на 56,50 долари по барел. На лондонскиот пазар, нај, цената на барел сирова нафта од марката брент порасна за 1,2 отсто, на 64,20 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП