2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОпштина Центар ја отвори втората читална „Ацо Шопов“

Општина Центар ја отвори втората читална „Ацо Шопов“

citalna 35

Општина Центар вчеравечер ја отвори втората читална на своја територија. Името го носи по еден од основоположниците на современата македонска книжевност, Ацо Шопов, еден од првите членови на МАНУ.

На отворањето, на кое присуствуваа вљубеници на убавиот пишан збор, личности од јавниот живот, академици, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски рече дека живееме во период кога се отвораат коцкарници и обложувалници и тука младите, за жал го минуваат своето слободно време.

Општина Центар, рече тој, ја остварува својата заложба на отворање на вакви “храмови“, каде што граѓани од сите генерации може да дојдат и да прочитаат убава книга.

„Да го зачуваме она што се губи кај нас. Кога се одлучивме да ја отвориме читалната Славко Јаневски, најдовме едвај десеттина книги од Славко Јаневски. Денес има над 200 изданија. Тоа е идеата и со втората читална – Ацо Шопов. Нема многу наслови, но ќе дојдеме до посакуваното ниво“, рече Жерновски, заблагодарувајќи му се на академик Томе Серафимовски за огромната поддршка. Благодарение на Серафимовски, освен со книжен фонд е збогатена и со три скулптури – портрет во бронза на Ацо Шопов, Блаже Конески и Рајко Жинзифов, како и со 101 книга.

Академик Серафимовски, како што рече самиот, е обземен од задоволство, бидејќи во ова време-невреме, време на разнебитување на македонската држава и култура, овие благородни работи, создадени од општина Центар мораме да ги поддржуваме.

„Среќен сум што можев и јас да дадам придонес со мојата скромна работа. Засега тоа се три скулптури, но читалната Ацо Шопов ќе има исто толку скулптури, колку што има и читалната Славко Јаневски. Се надевам дека следната читална ќе го носи името на нашиот Блаже Конески“, рече академик Серафимовски.

Читалната Ацо Шопов има фонд од 2.000 книги од сите жанрови, зачленувањето во читалната е бесплатно, а таа се наоѓа во Т.Ц. Беверли Хилс во Капиштец, на првиот спрат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП