19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСветска порака за Денот на театарот: Театарот треба да гледа таму каде...

Светска порака за Денот на театарот: Театарот треба да гледа таму каде гледањето е забрането

teatar-16

Меѓународните центри на мрежата на ИТИ го избраа светски реномираниот режисер на театарски претстави и опери, пољакот Кшиштоф Варликовски, кој ја напиша својата порака по повод Светскиот ден на театарот 27 март.

Театарот треба да гледа таму каде гледањето е забрането, порачува Кшиштоф во својата порака.

„Денес постојано и секојдневно размислувам за писателите кој пред околу сто години визионерски, иако воздржано го опишаа самракот на европските богови, кои ја потонаa нашата цивилизација во до ден-денес неразјаснет мрак. Тука мислам на Франц Кафка, Томас Ман и Марсел Пруст. Денес кон оваа група на пророци би го додал уште Џон Максвел Куци.  Нивното заедничко чувство за неминовниот крај на светот, не како планета, туку како модел на меѓучовечки односи, поредоци и бунтови, е сега со нас на многу изразен начин. Со нас кои живееме после крајот на светот. Во однос на злосторствата и конфликтите што потпалуваат и зафаќаат се` понови места, дури побрзо отколку сеприсутните медиуми, се во состојба да стигнат да ги покријат со своите прилози и извештаи. Овие пожари и онака брзо стануваат здодевни и неповратно исчезнуваат од  медиумските известувања, а ние се чувствуваме беспомошни, преплашени, опколени. Веќе не знаеме да градиме кули, додека ѕидовите кои постојано ги создаваме не не заштитуваат пред ништо, напротив тие сами бараат заштита и грижа која ја јаде речиси цела наша животна енергија. И немаме веќе сила да се обидуваме да го согледаме тоа што се наоѓа зад капијата, зад ѕидините. А токму заради тоа би требало да постои театар и од тоа да ја црпе својата моќ. Да гледа таму каде гледањето е забрането“, се вели во дел од пораката.

Македонската порака за Светскиот ден на театарот ја напиша режисерката Нела Витошевиќ.

„Во време на општествена криза, театарот мора да ги препознае и демистифицира страните на конфликтот, да се обиде да разоткрие што лежи длабоко во сржта на мрачните задкулисните игри и да ја привлече кон себе некорумпираната, интелектуална сила на современото граѓанското општество во кое егзистира. Во такво време, тој несомнено  мора да биде најстрогиот аналитичар и катализатор на прогресивните идеи. Да биде бунтовен и силен, слободен и бескомпромисен. Во услови кога театарот е насилно втурнат во политички игри за да стане  пропагандна машинерија, тој го губи своето значење и основна функција. Тогаш театарските дејци, не смеат да покажат слабост и страв туку напротив, треба витешки, храбро и достоинствено со помош на мечот на вистината да тргнат во поход, да се спротистават и борат за негов спас и слобода. „Да се бориш со непобедливото, да одиш каде најхрабрите не се осмелуваат да одат и секогаш да веруваш во невозможното“, вели Дон Кихот објаснувајќи ги начелата на витештвото. Така и театарските уметници при обидот да се контаминира суштината на театарот, исто како Херакле, заштитени со своите театарски костими од смртоносните воздишки на многуглавата Хидра, мораат да најдат начин да го совладаат чудовиштето и да го заштитат својот интегритет. Во нивниот поход за одбрана, возобнување и зачувување на вистинските вредности, тие, како и Херакле, треба да ги отсечат сите отровни глави на Хидра, сите партизирани структури кои пуштиле корени и го затрулe  волшебниот, чудесен простор на оваа сценската уметност“, порачува Витошевиќ.

Театарот „Војдан Чернодрински“ вечерва од 19.30 часот со изведбата на претствата „Погребални игри“ од Џо Ортон, во режија на Југослав И. Кочоски ќе го одбележи 27 март, Светскиот ден на театарот.

Се очекува пред публиката да бидат прочитани светската и македонската порака за театарот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП