3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

Промоција на „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

modri fantazii

Новата поетска збирка на Снежана Стојчевска насловена „Модри фантазии“ во издание на „Темплум“, ќе биде промовирана во понеделник, во Планетариумот на МКЦ со почеток во 20 часот.

Книгата ќе биде претставена преку поетски перформанс во кој учествуваат : Николина Андова Шопова, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески, Владимир Мартиновски и Перо Сарџоски.

Лидија Димковска, рецензент, за поезијата на Стојчевска вели:

„Снежана Стојчевска е поетски глас кој припаѓа на најновата македонска поетска генерација. Уште со својата прва поетска збирка „Шеќер по подот“ во 2012 год. се наметна како поетеса со автентичен и свеж поетски исказ. Во својата трета поетска збирка со луциден и неодминлив наслов „Модри фантазии (врз перничето за печати)“, Снежана Стојчевска јасно и гласно вели: „повеќе би сакала животот да ми е поезија/отколку поезијата живот“. И навистина, од поезијата таа не очекува егзистенцијална потпора, почести и признанија, но од животот очекува да биде чист, искрен и чесен, каква што би требало да биде секоја добра поезија. Просто зачудувачки е колку се чисти, искрени и чесни нејзините песни, во време кога светот се тресе во потрошувачко лудило, кога кризата ги зафаќа не само материјалните туку и духовните предели на човечкиот живот, кога човек брзајќи од една точка до друга најчесто на патот се губи себеси, но и ближните, а љубовта станува табу или комерцијална тема“.

Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Институтот за Педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“, издание на ИЛИ-ИЛИ како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје. „Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП