19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИстакнатиот македонски уметник Чемерски со изложба во МАНУ

Истакнатиот македонски уметник Чемерски со изложба во МАНУ

gligor-cemerski

Во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во петок со почеток во 19 часот свечено ќе биде отворена изложбата на слики „Скопје – Москва – Скопје: Настани и знаци на земјата Македонска“ на Глигор Чемерски, познатиот македонски сликар, графичар и мозаичар, која ќе биде поставена цел месец, имено до 13-ти април.

По успешната московска изложба на академик Чемерски одржана во Руската академија на уметностите во Москва, оваа поставка ќе биде достапна и за македонската публика која ќе има можност да ја ужива и доживее. Како своевидна ретроспектива и повеќедецениско творештво, на изложбата ќе бидат претставени дела од повеќе циклуси на Авторот Чемерски.

Академик Глигор Чемерски е македонски истакнат сликар, графичар, мозаичар кој во своето портфолио има преку 60 самостојни изложби ширум светот. Автор е на неколку монументални дела и мозаици. Неговите дела се застапени во бројни музеи и колекции во Европа и Америка. Член е на Македонската академија на науки и уметности од 2012 година.

Од 2013 година тој е почесен член на Руската академија на науки и уметности „Императорска“.  Чемерски е првиот македонски уметник кому му е укажана оваа огромна чест од страна на Руската Академија.

За творештвото на академик Чемерски свој осврт имаат дадено повеќе истакнати уметници, меѓу кои и академик Влада Урошевиќ (МАНУ): „Поврзувајќи ги корените на почвата и на традицијата, осовременувајќи го ликовното наследство од минатото, Глигор Чемерски создал едно сликарство кое зазема истакнато место во пантеонот на најистакнатите вредности на македонската култура на ХХ век“.

„Сликарството на Чемерски е страсно оптоварено од тегобноста на човечката егзистенција. Чемерски живее со сликарството, тоа за него е извор на сите радости. И на сите немири. Уверен дека платното мора да се усклади со ткаењето на историјата, тој ја обновува судбината на својот народ, исцртувајќи ги неговите драми преку легендарни визии, еднаш на епски, друг пат на митолошки начин. Со своето дело Чемерски ја изразува човековата волја да го совлада хаосот и тегобноста пред непознатото“ ‐ Жаклин Белонт (Galiѐrie du Fleuve, 1995, Париз).

На свеченото отворање свое обраќање ќе имаат академик Владо Камбовски, претседател на МАНУ,  Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија и Академик Луан Старова, секретар на Одделението за уметност во МАНУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП