29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина Сем Сајмон, коавтор на ‘Симпсонови’

Почина Сем Сајмон, коавтор на ‘Симпсонови’

56615420254fe1045ae842931611785_orig

Коавторот на култната анимирана телевизиска серија „Симпсонови“, Сем Сајмон, почина по двегодишната борба со ракот на дебелото црево во 60-та година од животот, објави во понеделникот портпаролот на фондацијата којашто го носи неговото име.

Сем Сајмон, кој ја создаде оваа забавна серија заедно со соработниците Мет Грејнинг и Џејмс Брикс, починал во неделата во својот дом во Лос Анџелес, пишуваат американските медиуми.

„Беше голем човек, се’ нему му должам“, напиша на Twitter неговиот колега и пријател Ал Џин, додавајќи дека неговата прерана смрт претставува „огромна загуба“.

Сајмон инаку ги напушти „Симпсонови“ во 1993 година, но и натаму беше извршен продуцент на серијата, и од нејзиното годишно емитување добиваше околу 10 милиони американски долари. За култната серија доби осум награди Еми, и уште една за соработка на емисијата „The Tracey Ullman Show“.

На Сајмон во 2012 година му беше дијагностициран рак на дебелото црево во терминална фаза, а лекарите тогаш му прогнозираа уште три до шест месеци живот. Оттогаш се посвети на спасувањето на злоставувани животни, но и покрена многу проекти под заеднички назив „Feeding Families“ за помош на сиромашните и бездомниците.

Во интервјуто од 2014 година изјави дека и покрај дијагнозата останува позитивен, бидејќи е опкружен со луѓето коишто го сакаат, се грижат за него и за него се’ би сториле. Рече, исто така, дека тоа е добро чувство и дека го прави среќен и спокоен.

Сајмон дипломирал на престижниот американски универзитет Станфорд. Не се женел и немаше деца, а голем дел од своето богатство проценето на околу 100 милиони долари уште пред смртта ги донираше за борбата за правата на животните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП