Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата. Во своето излагање на конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски, посочи дека во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п. Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци.
Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

