6 јуни, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботната недела не мора да трае 5 дена – Македонците сакаат промена

Работната недела не мора да трае 5 дена – Македонците сакаат промена

Четиридневната работна недела звучи како сон за многумина македонски работници кои секојдневно балансираат помеѓу долгите работни часови и обврските дома.

Позитивните искуства од земјите како Исланд, каде четиридневната работна недела веќе функционира, ги отвораат очите и на македонските работници и експерти дека оваа промена може да биде повеќе од пожелна и во Македонија.

Анкетите на оваа тема покажуваат дека големо мнозинство од македонските работници ја поддржуваат идејата за пократка работна недела.

Тие нагласуваат дека намалувањето на работните денови би им овозможило повеќе слободно време за семејството и пријателите, би го подобрило нивното ментално здравје и би ја зголемило продуктивноста на работното место.

„Работиме многу, а времето поминато на работа честопати не кореспондира со продуктивноста. Ако можеме да завршиме иста работа за четири дена, зошто да мора да седиме во канцеларија и во петок? Пократката работна недела би била значителна мотивација за сите нас“, вели Александра Петровска, маркетинг-менаџер во една приватна компанија од Скопје.

Сличен став има и Дамјан Костадинов, инженер во информатичка фирма, кој смета дека слободното време добиено од дополнителниот слободен ден може да се искористи за надградување на професионалните вештини, што на долг рок ќе биде корисно и за работодавачите.

„Петок би можел да стане ден за обуки, дополнителни курсеви, или за личен развој и хобија. Тоа ќе го зголеми и задоволството и продуктивноста кај нас, вработените“, потенцира Костадинов.

Искуствата од странство ги потврдуваат овие размислувања. Во Исланд, четиридневната работна недела доведе до помалку стрес, поголемо задоволство и подобра ефикасност на работните места. Германија, Португалија и Шпанија, исто така, се приклучуваат со слични експерименти.

Сепак, во Македонија постојат и скептици кои мислат дека нашата економија не е доволно силна за вакви промени.

„Македонија не е Исланд или Германија. Тука сè уште се работи во култура каде присуството на работното место е најважно, а не резултатот. Сметам дека прво мора да се смени менталитетот кај работодавачите, па дури потоа да разговараме за пократка работна недела“, вели Ведран Кузмановски, економски аналитичар.

Од друга страна, психолозите ја поздравуваат ваквата иницијатива, потенцирајќи дека пократката работна недела би значела и подобро ментално здравје за граѓаните.

„Стресот и преумореноста се сѐ поголем проблем. Намалувањето на работната недела ќе доведе до подобар баланс меѓу работата и животот, што директно ќе го подобри и психичкото здравје на луѓето“, објаснува психологот Сања Љубеновиќ.

Во Македонија, неколку компании во ИТ секторот веќе експериментираат со пократко работно време или работа од дома, но на национално ниво нема сериозни иницијативи за воведување четиридневна работна недела. Синдикатите досега не излегле со конкретен предлог, иако идејата веќе циркулира во јавноста и добива сѐ поголема поддршка.

Сепак, најголемата промена мора да дојде од самиот систем и од културата на работа. Сѐ додека мерило за добар работник е бројот на часови поминати во канцеларија, наместо продуктивноста и резултатите, ваквите идеи ќе останат само желба.

Во меѓувреме, многу македонски граѓани сонуваат за долг викенд и живот во кој четиридневната работна недела е реалност, а не само утопија. Останува да се види дали Македонија ќе собере храброст да направи таков чекор кон поинаква, похумана економија.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП