19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоголемата регионална соработка со цел намалување на невработеноста

Поголемата регионална соработка со цел намалување на невработеноста

nevraboteni 254

Подобрување на регионалната соработка како излез од проблемот со невработеноста, карактеристичен за граѓаните во земјите од Југоисточна Европа е првичниот резултат од истражувањето на Балкан барометар на Советот за регионална соработка.

Истражување беше презентирано во понедленикот на панел дискусија за имплементација на Стратегијата за развој на Југоисточна Европа 2020 на тема „Вработувања и просперитет во европска перспектива“.

Студијата, која беше спроведена во главните градови на Албанија, Босна и Хецеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, покажа дека во сите земји од регионот невработеноста е основната причина поради која луѓето размислуваат да побараат подобри услови за живот во некоја од западните земји.

На настанот, кој беше организиран од Советот за регионална соработка, ОЕЦД и Министерството за економија, беше посочено дека клучни за надминувањето на невработеноста се регионалната соработка, реформите во образованието, натамошната либерализацијата на трговијата и подобрувањето на инфраструктурата.

Министерот за економија Беким Незири посочи дека Владата нуди низа поволности за вработување и самовработување, особено на млади лица, но и на домашните инвеститори.

„Агенцијата за вработување нуди грантови и поволни кредити за отворање нови работни места, а се стимулираат младите и за самовработување. Паралелно со ова, привлекувањето на странски инвеститори и отворањето нови индустриски зони придонесе за значително зголемување на извозот на земјава, отварање на нови работни места, а со тоа и пораст на вработеноста“, рече Незири.

Во однос на економските зони, тој посочи дека на почетокот постоело размислување дали треба прво да се исполни зоната во Скопје, а потоа да се отвораат нови индустриски зони во внатрешноста, но се решиле за паралелно отворање за да има рамномерен регионален развој.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими посочи дека Македонија преку привлекување на странски инвестиции се обидува да ја подобри вработеноста и нагласи дека во 13-те отворени индустриски зони веќе се вработени 3.500 лица. Тој посочи дека во последните неколку години невработеноста во Македонија е намалена за девет проценти и од 38 отсто е сведена на околу 29 отсто.

„Македонија се стреми во наредните дваесетина години да има раст поголем од 4,5 отсто за да може да го достигне просекот на Европската унија. За да се реализира тоа, неопходно е растот да се базира на приватниот сектор, а не како што е сега во земјите од регионот јавниот сектор, како рецидив од комунизмот, да биде главен во вработувањето и креирањето нови работни места“, истакна Бесими.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ посочи дека 95 отсто од извозот на регионот отпаѓа на суровини и полуфабрикати и посочи дека треба да се оди во насока на извоз на готови производи со додадена вредност за подобрување на стандардот на населението и зголемување на вработеноста.

„Во регионот од 2008 година наваму се затворени 800.000 работни места, а со Стратегијата за развој на Југоисточна Европа до 2020 година се нуди отворање нови еден милион работни места. Тоа покажува дека им се нуди работа на оние што веќе ја изгубиле, но не и перспектива за младите. Мора да се направи нешто за на младите да им се понудат работни места и својот опстанок да го гледаат во земјата, а не во одење во странство. Мора да привлечеме странски инвестиции, да ја подобриме инфраструктурата, образованието и да направиме натамошна либералзација на трговијата за да им овозможиме перспектива на младите“, рече Свилановиќ.

Тој посочи дека на средбата во Берлин со канцеларката Ангела Меркел, лани во август, на лидерите од регионот на Југоисточна Европа им било порачано дека поголемата регионална соработка е клучот за надминување на сите проблеми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП