28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо подобра деловна клима до намалена сива економија

Со подобра деловна клима до намалена сива економија

fiskalna-kasak78i6iik8

Сивата економија во Македонија која според надлежните институции изнесува околу 20 проценти, споредено со останатите држави од регионот, е сведена на прифатливо ниво. Најзастапена е во трговијата, по која следат индустријата, земјоделството, туризмот и градежништвото. За натамошно намалување клучни се деловната клима и создавањето доверба на приватниот сектор и на граѓаните во администрацијата и даночниот систем.

Тоа се дел од укажувањата изнесени на денешната конференција на тема „Справување со скриената економија: Зајакнување на јавно-приватниот дијалог“ во организација на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

Според професорот Томе Неновски, во Македонија по растечкото ниво на сивата економија во претходната декада од околу 50 проценти, од средината на минатата деценија се намалува како резултат на повеќе мерки од надлежните институции. Намалувањето на сегашните 20 проценти, смета Неновски, се должи на подобрената деловна клима, првенствено во областа на даночната политика, фискализацијата, гилотињата во администрацијата, брзината на отворање бизнис.

Во изминатите седум-осум години неформалната економија е сведена на прифатливо и надпросечно ниво. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти. Во Косово имаме висока стапка на сива економија, од над до 50 проценти, Грција можеби е со рекорд во европската монетарна унија, а во Бугарија со околу 40 проценти, е исто така некаде во врвот на сивата економија во рамки на ЕУ, наведе Неновски.

Во следниот период, укажа, е потребно натамошно подобрување на деловната клима и зацврстување на веќе воспоставениот здрав однос меѓу јавниот и приватниот сектор, во смисла приватниот сектор се повеќе да му верува на јавниот сектор, административните бариери да се сведат на што е можно помало ниво, да се продолжи со кампањата за тоа што значи сивата економија со сите негативни последици и да се укаже на населението дека даночниот систем е стабилен и треба да му се верува.

Според Љубомир Мишков од Универзитетот Шефилд, феноменот на сивата економија не треба да се потценува од креаторите на политиките во државите. – Карактеристично за европскиот пристап при справување со сивата економија е што има поголем фокус на поттиснувачки мерки, отколку на стимулирачки за официјализирање на бизнисите и непријавената работа, рече Мишков.

Треба да се има предвид, посочи, фактот дека сивата економија е еден од инкубаторите за создавање претприемачи зата што голем дел од легалните бизнисмени ја почнале својата работа како дел од таа економија. Токму затоа се потребни стимулирачки мерки бидејќи третирањето со многу рестриктивни мерки може да се одрази на нивото на претприемништвото, укажа Мишков.

Според Јеромир Левичек, раководител на оддел за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ во Скопје, скриената економија е феномен што постои во секоја земја и генерално се смета како индикатор за лошо економско управување и структурални проблеми.

Според некои проценки големината на скреината економија на Балканот е над 30 проценти од БДП. Овие високи нивоа на неформалност нормално дека го попречуваат процесот на приклучување кон европските економии и создава маргинализирани групи на  популацијата. ЕК во својот Извештај за напредок на Македонија забележа дека неформалната економија останува да биде предизвик и оти е постигнат ограничен напредок во делот на справување со неформалниот сектор. Свесни сме дека претставниците на јавната власт се свесни за овој проблем и имаат волја да се справат со ова прашање, рече Левичек.

Проектот за мониторирање на скриената економија во Македонија, ЦИКП го спроведува заедно со Центарот за развој на демократијата од Република Бугарија, со поддршка на EIDHR програмата на Европската комисија.Во рамки на проектот е изработена збирка трудови од најдобри практики за следење на скриената економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП