4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонгрес на металурзите на Македонија со меѓународно присуство

Конгрес на металурзите на Македонија со меѓународно присуство

metalurgija222

Повеќе од 200 претставници од областа на металуршката индустрија и професори и експерти од областа од Македонија, државите од регионот, но и од Турција, Финска, Германија, Австрија, ќе учествуваат во работата на 6-тиот Конгрес на металурзите на Македонија, што во организација на Здружението на металурзите на Македонија, Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и Стопанската комора на Македонија од денеска се одржува во Охрид.

На собирот во Охрид ќе бидат презентирани стотина научни трудови, со дваесеттина предавања, четири пленарни сесии, на кои ќе бидат презентирани ставови на авторитети од универзитети, научно-истражувачки центри, институти и на претставници на индустријата.

„Учеството на претставници на металуршката индустрија и научната фела на повеќе држави, пред се од Турција која е меѓу водечките светски центри на областа на металургијата, е од огромно значење за нас, оттаму што тоа е добра можност за унапредување на сорботката, заеднички настап на пазарот и изработка на заеднички проекти со кои би се аплицирало до европските фондови“, истакна Свето Цветковски, претседател на Здружението на металурзите на Македонија.

Претседателот на Здруженијата на металургијата при Стопанската комора на Македонија Митко Кочовски направи паралела за состојбите во областа на металургијата во Македонија и оние во рамки на Европската унија. Тој нагласи дека ЕУ успеала да ги препознае силните репродукциски поврзаности на челичната индустрија и нејзините генерирачки импулси, што секако дава значителен тонус на динамиката на индустрискиот развој во целина.

„Моментално Македонија бележи пад на производството во металургијата. Она што загрижува е тоа што уделот на металургијата во структурата на севкупното индустриското производство и на БДП изнесува некаде 7 до 8 проценти, што е значајно повеќе отколку во рамки на ЕУ“, истакна Кочовски.

Тој појасни дека мерките што ги спроведува Унијата по однос на челичната индустрија треба да се следат како пример доколку е интенција националната индустрија да генерира вредности и да остварува посолидни резултати, со оглед на влијанието врз макроекономските показатели.

„Падот на производството во металургијата кај нас многу повеќе влијае врз индустријата во целина и макроекономските показатели. Недостига соодветна реакција, редица мерки како подобрување на финансиската моќ преку кредитирање на гранката, обезбедување повластени кредити, подигање на потрошувачката во индустриските гранки што трошат челик, подобрување на системските решенија како регулација и олеснување на администрирањето врзано за челичната индустрија, преквалификации и доквалификации за вработените, и на крајот со одредени олеснувања во областа на екологијата, каде засега не можеме да најдеме соодветен одговор“, додаде Кочовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП