2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУкраинската криза го зацврстува ставот на Брисел против „Јужен поток“

Украинската криза го зацврстува ставот на Брисел против „Јужен поток“

juzen-potok-jfklsdajg

Украинската криза го прави уште поцврст ставот на Европската комисија против рускиот проект за гасоводот кој ќе ја заобиколува Украина, „Јужен поток“, предупреди во интервју за весникот „Фајненшл тајмс“, еврокомесарот за енергетика Гинтер Јотингер.

Британскиот весникот напоменува дека изградбата на гасоводот, кој е предвидено да почнува од Црното Море и преку балканските земји да стигне до Австрија, е планирано да почне следниот месец.

Рускиот државен гасен гигант „Газпром“ веќе подол период се обидува да издејствува ослободување на „Јужен поток“ од правилата на ЕУ во областа на конкурентноста, со цел проектот да стане економски попривлечен.

Согласно европските норми, „Газпром“ ќе биде принуден да им даде пристап до гасоводот и на други доставувачи на гас со цел да се зголеми конкуренцијата на европско ниво.

Јотингер нагласи дека тој не преферира менување на правилата за Русија, особено поради случувањата во Крим и источна Украина.

– Сега со Украина ние заземаме се поодбранбен став во однос на руските гасоводи во споредба од пред една година. Сега ослободувањето од правилата не се мој приоритет за „Газпром“, рече еврокомесарот за енергетика.

Во врска со жалбата, која Русија минатата недела ја поднесе до Светската трговска организација со цел ослободување на „Јужен поток“ од нормативните барања на ЕУ, Јотингер изјави дека нема сомнежи оти двете страни имаат различен пристап кон работите.

– Нема сомнеж дека има различна култура. Во Русија, Владата и „Газпром“ преферираат да имаат власт над целиот ланец од добивање на гас до електроцентралите.

Не сум против „Јужен поток“, но сакам тој да одговара на правилата на ЕУ за внатрешен пазар, нагласи
еврокомесарот за енергетика.

Пред анектирањето на украинскиот полуостров Крим кон Русија во март, ЕУ беше на пат да го ослободи рускиот гасовод „Северен поток“, кој доставува гас за Германија, од правилата на Третиот енергетски пакет, а руските власти очекуваа дека тоа ќе послужи како модел и за „Јужен поток“.

„Газпром“ оваа година потпиша нови спогоди за приклучување кон „Јужен поток“ на партнери од Германија, Италија, Австрија и Швајцарија.

Аналитичарите нагласуваат дека банките можеби нема да сакаат да доделат кредит за проектот поради регулаторната битка со Брисел, но сепак сметаат дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно ќе продолжи без двоумење да го гради гасоводот, кој е проценет на 14 до 15 милијарди долари.

„Фајненшл тајмс“ коментира дека гасоводот длабоко ја подели ЕУ во моментот кога 28-те членки се обидуваат да постигнат консензус за евентуалните санкции против Русија.

Државите кои имаат силен интерес од градењето на „Јужен поток“, како Германија, Италија, Бугарија, Унгарија и Австрија се меѓу членките, кои се највнимателни во однос на воведувањето пошироки економски санкции против Москва.

Италијанскиот заменик-министер за економски развој Клаудио Де Винченти изјави дека „Јужен поток“ останува приоритет за Италија.

На тематска конференција за енергетската безбедност тој посочи дека Рим се обидува да посредува во решавањето на спорните прашања околу проектот и неговото вклучување во Третиот енергетски пакт со серија отстапки во корист на руската страна.

Италијанската компанија ЕНИ е главен партнер на „Газпром“ за изградба на „Јужен поток“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП