6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ ја измени методологијата за утврдување адекватност на капиталот

НБРМ ја измени методологијата за утврдување адекватност на капиталот

nbrm1111

Советот на Народна банка на Република Македонија направи измени и дополнувања на методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, која се очекува позитивно да придонесе за кредитна поддршка на деловните банки кон претпријатијата.

Од Народната банка соопштуваат дека со усвојувањето на оваа одлука се врши усогласување со Регулативата на ЕУ бр. 575/2013, според која гаранциите со кои се гарантира извршување одредена работа, се ставки со среднонизок ризик, поради што за нив е предвиден понизок фактор на конверзија (20 проценти), наместо досегашните 50 отсто.

Другата новина се однесува на воведување поповолен регулаторен третман на фондовите основани од една или повеќе централни влади, мултилатерални развојни банки или јавни институции. За сите овие фондови, како што стои во соопштението, пондерот за ризичност ќе изнесува 0 проценти, при што условот ќе биде финансирањето да се изврши со уплата во удели, односно билансните и вонбилансните активности да бидат покриени со капиталот на фондот.

На денешната седница Советот ја усвои и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Кирил и Методиј“, како и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Лав“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованите пари „Кирил и Методиј“ ќе бидат во апоени од 100 денари и 1.000 денари, додека кованата пара „Лав“ ќе биде во апоен од 10 денари. Советот ја усвои и Одлуката за издавање, како и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Девица“, од серијата „Хороскопски знаци“, во апоен од 10 денари.

Кованите пари за колекционерски цели се пуштаат во оптек почнувајќи од 15 мај 2014 година. Со оглед на високиот квалитет што го поседуваат, кованите пари за колекционерски цели ќе придонесат за подобро претставување на земјата на домашен и на меѓународен план.

Советот го усвои и Годишниот извештај за 2013 година, според кој монетарната политика и во текот на 2013 година се водеше во согласност со остварувањето на основната монетарна цел – одржување на ценовната стабилност и одржување стабилен девизен курс на денарот, како посредна монетарна цел. Вкупната просечна годишна инфлација изнесуваше 2,8%, што е помалку од минатогодишниот просек и имаше надолен тренд, особено во втората половина на годината. Девизниот курс на денарот беше на стабилно ниво и во просек изнесуваше 61,58 денари за евро. Притоа, и движењето на реалниот ефективен девизен курс беше релативно стабилно, покажувајќи речиси непроменета ценовна конкурентност. Во услови на адекватно ниво на девизните резерви и оцени за отсуство на поголеми притисоци врз девизниот курс, Народната банка и во 2013 година го продолжи циклусот на монетарно олабавување. Заради поттикнување на домашната економска активност, основната каматна стапка на благајничките записи беше намалена за 0,5 процентни поени, а истовремено беа преземени и неколку мерки со макропрудентен карактер преку измени на системот на задолжителната резерва. Со преземените мерки, Народната банка имаше за цел да овозможи натамошно стимулирање на кредитирањето наменето за заздравување на економијата, поттикнување на приливот на долгорочен странски капитал, како и поддршка на валутното преструктурирање на депозитната основа на банките. Олабавувањето на монетарните услови овозможи позначително ослободување ликвидни средства во банкарскиот систем, придонесе за намалување на активните и пасивните каматни стапки, како и продолжување на процесот на деевроизација на економијата.

Гледано од аспект на одделните макроекономски показатели, во 2013 година, податоците за БДП покажаа дека домашната економија повторно е во зоната на позитивни стапки на раст. Структурните промени во економијата, како резултат на странските директни инвестиции, како и постепеното и умерено закрепнување на странската побарувачка имаа особено позитивно влијание врз извозниот сектор. Растот на кредитната активност во 2013 година забрза, што беше особено изразено кон крајот на годината. Сепак, потенцијалот за кредитирање не беше целосно искористен, со оглед на претпазливата политика на банките во однос на квалитетот на кредитното портфолио, неизвесноста во врска со глобалното окружување и неговото влијание врз економското закрепнување на домашниот реален сектор. Оттаму, со цел да го поттикне заздравувањето на домашната економија, фискалната политика се одликуваше со експанзивност, што доведе до натамошно зголемување на фискалниот дефицит.

Движењата во надворешниот сектор и во текот на 2013 година беа под значително влијание на бавното закрепнување на евро-зоната и неповолните промени на цените на светските берзи на дел од клучните извозни производи. Од друга страна, структурните промени во домашната економија имаа поволно влијание врз надворешната позиција, што придонесе за зголемување на отпорноста на извозот. Така, во 2013 година дефицитот во тековната сметка се намали и се сведе на 1,9 отсто од БДП, главно како резултат на помалиот негативен јаз во размената на стоки и услуги. Воедно, и покрај растот на странските директни инвестиции и надворешните задолжувања на економијата, сепак вкупните нето-приливи во капитално-финансиската сметка не беа доволни за целосно финансирање на тековниот дефицит. Во вакви услови, во 2013 година девизните резерви се намалија. И покрај годишното намалување, показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваа на комфорно ниво на девизните резерви, при што Народната банка во текот на целата година располагаше со девизни резерви коишто беа доволни за апсорбирање на евентуалните поголеми шокови во економијата и за одржување на стабилноста на домашната валута.

На денешната седница Советот на Народната банка го донесе и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2013 година. Во извештајот е констатирано дека севкупната стабилност на македонскиот банкарски систем зајакна во 2013 година, што главно се должеше на постепеното закрепнување на домашната економска активност, како и на монетарните, макропрудентните и другите мерки на Народната банка. Карактеристично за годината е што вкупната стапка на нефункционалните кредити, по достигнатиот врв во јули, постојано се намалуваше и на крајот на годината изнесуваше 11,5%, со што се сведе на најниското ниво во целата година, со исклучок на јануари. Овој развој се одвиваше паралелно со засилените напори на банките за преструктурирање на побарувањата кон оние клиенти за кои оцениле дека е потребно приспособување на кредитните услови кон нивните моментални финансиски тешкотии.

Според НБРМ, стабилната и висока ликвидност и натаму беше основната карактеристика на банкарскиот систем. Побавниот раст на ликвидните средства се должеше на постепеното засилување на кредитната активност во втората половина на 2013 година. Сепак, тие и натаму покриваа речиси 60% од депозитите на домаќинствата во банките. И адекватноста на капиталот, главниот показател за солвентноста на банкарскиот систем, и натаму беше двојно повисока од законски пропишаниот минимум и изнесуваше 16,8%. Во 2013 година, банките беа претежно ориентирани кон зголемување на капиталот преку реинвестирање на остварената добивка. Профитабилноста се зголеми за 58% во однос на 2012 година, главно поради растот на нето каматниот приход што произлезе од намалувањето на каматните расходи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП