20 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕЛиста на опасни хемикалии во облеката кои можат да го нарушат здравјето

Листа на опасни хемикалии во облеката кои можат да го нарушат здравјето

obleka55

„Greenpeace“ најде опасни хемикалии во детската облека, како во поевтината така и во поскапата. Но, кои хемикалии се во прашање, колку навистина се опасни и како да се справите со овој проблем?

„Greenpeace“ купи 82 парчиња детска облека. Шопинг турата, вработените на оваа еколошка организација ја водеа низ 25 земји во 18 бутици на познати брендови, меѓу кои и оние луксузните брендови за детска облека. Истражувањата во лабораторијата на еколозите открија, дека во облеката се крие цела листа на токсични хемикалии – иако само во трагови.

obleka11

„Токсиколозите сметаат дека од тие концентрации во облеката нема опасност за децата“, изјави за Дојче Веле хемискиот експерт во „Greenpeace“, Манфред Сантен. Сепак, на купувачите и на родителите им препорачува да бидат претпазливи при купувањето. Сантен истакна дека токсични хемикалии се користат во производството на облека.

Многу поголем е ризикот за оние кои работат во текстилното производство. Во фарбарите, мелниците за ткаење и шивачниците, работниците секојдневно се во директен контакт со отровите. Покрај тоа, хемикалиите во големи количини завршуваат во околината – на штета на животната средина, бидејќи се акумулираат во екосистемите и преку водата и почвата се враќаат назад во синџирот на исхрана. Ситуацијата е особено лоша во Азија, каде што голем број компании имаат производствени капацитети.

 

Што, зошто, како …

„Greenpeace“ направи испитување, дали во купената облека ги има петте најчести хемикалии кои се користат во производството на облека:

Фталати: Се работи за естеро фталатна киселина, која инаку се користи како вештачки омекнувач. Експертите од „Greenpeace“ објаснуваат дека најголема концентрација на фталати е најдена во облеката на која нешто е испечатено, или каде што во процесот на печатење се користат таканаречени „пластисоли“.

Фталатите се познати како ендокрини дисраптори, односно соединенија кои ја пореметуваат хормонската рамнотежа. Влијаат на плодноста и го зголемуваат ризикот од вродени аномалии. Тие, исто така го зголемуваат ризикот од рак на дојка. Фталатите навистина се биоразградливи, но процесот може да трае многу долго време, така што постои можност телото да ги приприе претходно.

NPE: Nonylphenol етоксилатите се тензиди, со кои, на пример, се пере облеката по боењето. И овие супстанции можат да го нарушат хормонскиот систем.

За разлика од фталатите, Nonylphenol етоксилатите не се биоразградливи и може да се акумулираат во ткивото на живиот организам. Nonylphenol-от е екстремно токсичен за водните животни. Сантен објаснува дека, за разлика од Азија, во Европа овие хемикалии не смеат да стигнат до отпадните води. „Но, штом таа облека се испере во машина за перење во Европа, NPE сепак ќе стигне до водата.”

obleka33

PFC: Текстилот се обработува и со перфлуоринирани и полифлуорирани хемикалии, скратено PFC, за да се направи да биде поводоотпорен. PFC главно се наоѓаат во мантилите и чевлите. „Greenpeace“ овие хемикалии ги пронајде во костимите за капење. Сантен појаснува дека Адидас не успеале на „Greenpeace“ да им објаснат како овие хемикалии се нашле во нивните костими за капење. Сеуште не се познати сите негативни страни на овие хемикалии, но еколошката организација се сомнева дека би можело да бидат причина за рак и бубрежни болести.

Органометални соединенија: Тие се користат првенствено како биоцид и тоа најчесто во памучна облека. Ги уништуваат бактериите и габите, и го штитат текстилот за време на долгиот транспорт од земјите на производство до земјите каде што облеката се продава.

Антимон: Овој хемиски елемент се користи како катализатор во производството на полиестер. Во високи концентрации може да биде токсичен. Делот на антимон, кој „Greenpeace“ го пронајде во облеката не е опасен, но Сантен предупредува дека антимонот би можело да биде штетен за животната средина во текот на производството и при отстранување на облеката.

obleka66

За решавање на проблемот

За детските играчки, Европската Унија ги пропиша строгите гранични вредности на хемикалиите, но овие прописи не важат за детските алишта. Компаниите кои ги погоди истражувањето на „Greenpeace“, тврдат дека измерените концентрации на хемикалии не се штетни за здравјето. Некои од компаниите ветија дека во иднина ќе се справат со ова прашање .

Некои од 18-те истражувани брендови, на пример, шведскиот ланец на продавници H & M, самиот си постави долгорочна цел да произведува облека целосно ослободена од опасните хемикалии. „Greenpeace“ сепак не сака да се потпре само на ветувањата на производителите. Тие наведуваат дека европските законодавци мораат да донесат построги закони.

Но и во земјите како што е Кина, треба подобро да се регулира употребата на опасни материи. „Навистина има напредок, и на тој начин кинеските политичари се дефинитивно заинтересирани за европските правила и што се постигнува со нив.“

Сепак, најчесто, потребни се години пред законите да се донесат и да се стават во пракса, вели Сантен. На потрошувачите, кои се загрижени за овие податоци за хемикалиите во облеката, „Greenpeace“ им препорачува облеката секогаш добро да ја исперат пред првото облекување.

obleka22

Постојат алтернативни

Германската компанија „Purtex“ развива средство за импрегнирање, кое содржи само полиуретан. За процесот на импрегнација користи само вода, во која нема ниту омекнувач, ниту фталати, ниту емулгатори. Од минатата година, „Purtex“ со овој метод излезе на пазарот и оттогаш побарувачката се зголемува во континуитет. „Повеќето познати брендови се со нас во контакт и размислуваат за воведување на нашата технологија“, вели Биргит Северич, директор на Управата на „Purtex“. Помеѓу засегнатите страни се, како што вели таа, производителите на спортска облека, како што се Пума, Најк и Адидас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП