21 јуни, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Бизнис инкубатори и Слободни економски зони - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Бизнис инкубатори и Слободни економски зони – М-р Раде Чоловиќ

biznis-inkubator

Во последно време имам прилика да патувам доста низ нашата ни држава Република Македонија и да посетувам доста фирми. За жал работењето е со доста проблеми, а пред се со лоша наплата на своите побарувања.

Нејсе, не ми е целта овде да ги повторувам маките и проблемите на стопанствениците кај нас, туку да наметнам некои размислувања за можности за поголем економски развој.

Некои автори од економската мисла, а и јас лично сметам дека економскиот раст на една држава или регион е директно, односно правопропорционално поврзан со растот на претприемништвото. Како една од алатките за олеснување на претприемничките потфати и зголемување на претприемништвото се Бизнис инкубаторите.

Под бизнис инкубатор се смета “погоден” простор каде што својот бизнис го започнуваат потенцијалните претприемачи и се сместуваат многу млади (кои не се постари од 6 месеци) микро, мали и средни фирми.

biznis-inkubator66

Бизнис инкубаторите имаат три важни компоненти:

–       Објект (простор за работа),

–       Деловно советодавни и останати услуги и

–       Менаџмент услуги

 

Бизнис инкубаторот им пружа можност на фирмите кои се во него да работаат на едно место, односно да делат заеднички простор на нов и оригинален начин. Инкубаторите се дизајнирани на начин да ги поддржат и задоволат потребите на локалната заедница и како резултат на тој пристап имаат индивидуален стил и фокус.

Заеднички карактеристики на инкубаторите се:

–       Обезбедување на деловен простор под многу поволни услови,

–       Деловно советодавни услуги за корисниците на инкубаторот,

–       Заеднички административни работи,

–       Помош во добивање финансиски средства за делување на фирмите кои се во него,

–       Можност за бизнис вмрежување,

–       Вклученост на заедницата (општината, регионот, државата) во работата на Бизнис инкубаторот.

 

Целта на бизнис инкубаторите е да створат успешни фирми кои, после одреден период, вообичаено после три години, го напуштаат инкубаторот. Како мотивација за напуштање на инкубаторот е и зголемувањето на цената на користењето на услугите на инкубаторот. На пример првата година се наплаќа 20%, втората 50% а третата 80% од реалната пазарна вредност на услугите на инкубаторот.

Во Република Македонија функционираа или  функционираат повеќе бизнис инкубатори (Струмица, Штип, Охрид, Битола и други). За жал, не можев да пронајдам податок колку фирми до сега поминале низ инкубаторите и колку од тие фирми преживеале и се развиле по напуштањето на инкубаторите, но во секој случај се алатка за помош на претприемништвото.

Бизнис инкубаторите се пред се за промовирање и помош на микро, мали и средни претпријатија.

Од друга страна, тука се и Технолошките индустриско развојни зони (ТИРЗ) во кои државата обезбедува поволности за странски инвеститори (големи фирми).

tirz

Во овие зони се нудат поволности од делот на даноците, царини и други стимулации:*

• 10 ГОДИНИ ДАНОЧНИ ОСЛОБОДУВАЊА – Инвеститорите во ТИРЗ се ослободени за период од 10 години од    плаќање на данок на добивка и 100% се ослободени од персонален данок на доход за период од 10 години,    така што ефективната стапка на персоналниот данок на доход изнесува 0%.
•  Земјиштето во ТИРЗ  во Република Македонија се дава под долгорочен закуп за период до 99 години.
•  Инвеститорите се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи.
•  Бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа.
•  Владата на Република Македонија учествува во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500.000 евра, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот.
•  Царински зелен канал за стоките.

(* извор: www.fez.gov.mk).

bunardzik

Она што при патувањата можев исто така да го видам е дека скоро во секој град има празни деловни комплекси кои биле дел од поранешните големи индустриски капацитети. Станува збор за цели деловни комплекси со целата потребна инфраструктура во нив: струја, вода, пристапен пат, а некаде и железничка линија, кои вообичаено се сместени и групирани  во одредени делови до градовите, односно најчесто на нивните периферии. Тука се исто така и касарните во кои беше сместена АРМ, кои се со потребната инфраструктура, а кои сега се даваат на општините и најчесто таму се градат згради за колективно домување.

Она што ме мачи е колку би чинело ваквите деловни комплекси и поранешни воени касарни да се претворат во мини индустриски зони, споредено со чинењето на изградба на нови ТИРЗ?

Со цело должно почитување кон локалните самоуправи и средствата кои ги добиваат од комуналии за градба на станбени згради, сепак треба да се размислува и за равој на стопанството.

jonson-controls333

Она што би требало локалната и централната власт да направат, е да направат услови за домашни и странски инвестиции во објектите споменати претходно,  и тоа со:

–       Решавање на имотно правните односи кај деловните објекти преку носење законски решенија за забрзување на судски спорови (доколку ги има) и за дефинирање на сопственоста врз истите. Дури по можност истите државата да ги (до)купи и стане доминантен сопственик врз истите,

–       Прогласување на овие комплекси за слободни економски зони каде би важеле исто така одредени економски поволности (пример: Давање поволности за долгогодишен закуп на објектите со можност истите да се откупат после 10 години со одредени поволности) или со можност да важат и истите поволности кои важат во сегашните ТИРЗ, ,

–       Формирање на јавно приватни партнерства за отворање на Бизнис инкубатори во овие комплекси, …

tirz-tetovo22

Би можело да се наведат и ред други поволности кои би им се понудиле на домашните и странските инвеститори и претприемачи. Но, основната цел на ова мое писание е да се искористат постојните објекти со веќе постоечка инфраструктура, да се зголеми економскиот раст, а воедно сметам дека подобро би изгледало кога повторно би оживеале зградите кои сега на места изгледаат аветно.

Автор на колумната

mr-cholovic
     М-р Раде Чоловиќ

 

              

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП