29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонференција: Англискиот јазик клучен во современите бизнис комуникации

Конференција: Англискиот јазик клучен во современите бизнис комуникации

english1

Англискиот јазик веќе станува еден од основните услови за вработување, деловната заедница го смета за генеричка вештина слично како познавањето компјутери или математика, за нешто непоходно при ефективното бизнис комуницирање. Без него е невозможно и користењето интернет каде 70 отсто од информациите се пласираат на англиски јазик.

Како што беше речено на денешната регионална конференција, компаниите, не само големите, корпорациите, туку и средните претпријатија, го преферираат англискиот во бизнис контактите. Ако не го владеат доволно, имаат тешкотии при тргувањето со други земји и континенти. Особено е битен за земјите од регионот, претенденти за влез во ЕУ. Повеќето македонски компании го следат трендот, при вработувањето бараат од кандидатите познавање англиски јазик, но најчесто не ги тестираат, туку ги примаат на доверба. Поради ова, често имаат проблем во комуникацијата со бизнис партнерите и при реализирањето на извозот.

– Генерално, познавањето на англискиот јазик кај вработените е на одредено ниво кое ги задоволува потребите за општа комуникација. Во повеќето огласи се бара познавање странски јазик, но без компанијата да има систем за мерење на познавањето и квалитетот на познавањето на јазикот. Праксата покажа дека ова е голем недостаток зашто се прават грешки, особено при извозот и посебните точки од меѓународните договори кои треба да се разберат суштински, што потоа е голема штета за фирмите независно дали станува збор за извозот, услугите или продуктите, изјави претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков.

Според Ник Кендл од Британскиот совет, во денешниот современ, динамичен свет на индустрии и услуги англискиот јазик е доминантен особено при деловна комуникација.

Работната сила на глобалниот пазар има голема потреба од образовни вештини, но познавањето на англискиот јазик е клучна за сите аспекти на деловниот и професионалниот живот.

Англискиот е најизучуван странски јазик во светот. Се проценува дека моментно го учат околу две милијарди луѓе. Најголем дел од податоците за пазарите, деловниот свет и генерално, глобалните комуникации преку интернет, електронска пошта, се сведуваат на познавањето англиски јазик.

– Истражувањето спроведено неодамна покажа дека е неоходна континуирана обука по англиски јазик за вработените. Исто така, треба да се вработуваат кадри со докажани јазични вештини. Најдобро е англискиот да се учи со директна комуникација, усно. курсевите се еден од начините за подобрување на нивото, но битно е и дали институцијата/школата е акредитирана, дали прграмата за учење на јазикот е поврзана со референтната заедничка европска рамка воведена во дветедесетите години од минатиот век, нагласи Кендл.

Според британскиот амбасадор Кристофер Ивон, не треба да се настапува арогантно, да се мисли дека англискиот ќе ги замени јазиците на другите луѓе, дека е подобар од другите јазици.

– Англискиот јазик треба да се смета како дополнителна можност. Милијарди луѓе во светот денес учат англиски и тоа им овозможува да се разберат. Интернетот речиси и не може да се користи без познавање англиски јазик, но оваа вештина е многу битна и при деловното работење, посочи Ивон.

Од Британскиот совет порачаа дека при оценувањето на познавањето на англискиот јазик е многу важно да се земе предвид колку кај кандидатот постои баланс меѓу зборувањето и пишувањето, слушањето и читањето, граматичките и вокабуларните компоненти.

Советот во рамки на конференцијата ја промовираше новата иновативна глобална алатка, Аптис. Станува збор за целосно интегриран систем кој нуди резултати за помалку 24 часа, со менаџмент, испорака, следење и известување. Тестот е за возрасни и го оценува знаењето на сите четири вештини, зборување, слушање, читање и пишување.

Кандидатите може да се тестираат на многу локации ширум светот, преку компјутер. Веднаш покажува кој колку го владее јазикот и му овозможува на работодавачот правилно да процени и да ги распредели кндидатите на соодветни работни места.

На конференцијата беше истакнато дека во светски рамки, денес, од аспект на течно познавање некој јазик, мандаринскиот кинески е најзборуван, го владеат вкупно 1,05 милијарди луѓе, потоа следуваат англискиот со 510 милиони лица, индискиот со 490 милиони, шпанскиот со 420 милиони и рускиот јазик кој го зборуваат 255 милиони луѓе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП