4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Вредноста на српскиот пазар изнесува 70,6 милијарди долари, а со очекуваниот раст од 50 отсто, се проценка дека неговата вредност во 2016 година ќе достигне 105 милијарди долари. Српскиот министер за трговија и телекомуникации Расим Љајиќ на конференцијата за стоки за широка потрошувачка, рече дека овој пазар, во регионална смисла е без конкуренција, имајќи ја предвид неговата големина и ниската стартна основа, со што Србија станува потенцијален пазар за странски инвестиции.

Атина – Малкумина поверуваа во насловот на атинскиот дневен весник „Имерисија“ дека во Атија се продаваат станови по цена од 5.000 евра. Првата асоцијација беше дека се работи за шега, потоа дека се работи за многу стари станови, за да се утврди дека се работи за пристојни станбени единици, но и за се почеста појава дека сопствениците на секој начин сакаат да се ослободат од вишокот недвижностт. Колку бедата ја зафати поранешната средна класа покажува податокот дека луѓето се подготвени за мали пари да ги продаваат становите во кои вложувале, бидејќи повеќе не се во состојба да ги плаќаат трошоците за одржување и даноците на недвижностите, кои со општинските такси, денес ја надминуваат можноста на пензионерите и просечно платените службеници.

Подгорица – Руската „Централноевропска алуминиумска компанија“ (ЦЕАЦ) покрена арбитражна постапка против Владата на Црна Гора со барање за отштета од 100 милиони евра, поради стчајот во „Комбинатот за алуминиум – Подгорица“ (КАП). Тоа е втора тужба на фирма во сопственост на рускиот бизнисмен Олег Дерипаска, која ја тужи Владата на Црна Гора поради КАП. Претходно руската „ЕН плус група“ најави дека до Арбитражниот суд во Франкфурт ќе поднесе тужба против Владата на Црна Горас со барање за отшета од 93 милиони евра, поради, како што е наведено, неисполнетите ветувања и изгубениот профит на компанијата во работата со КАП. ЦЕАЦ, чиј сопственик исто така е Дерипаска, поединечно е најголем акционер и доверител на КАП.

Загреб – Агенцијата Блумберг оценува дека резултатите од референдумот за дефиниција на бракот во Хрватска можат да имаат погубни резултати по хрватскиот туризам. Референдумот за дефиниција на бракот, Загреб може да го чини многу повеќе од 6,2 милиони евра, колку што се потрошени за неговата организација. Резултатите од референдумот, кои во светот се доживуваат како последица од хомофобијата во Хрватска, можат негативно да се одразат на туристичките резултати во иднина.

Рим – Италија не успева доволно брзо да го намали јавниот долг, но најлошиот период на кризата е зад неа, изјави европскиот комесар за економски работи Оли Рен. – Италија не го почитува одреденото темпо за намалување на долгот, а тоа не е добро. Структурното прилагодување треба да биде еднакво на половина процентен поен од БДП, а изнесува само 0,1 отсто, поради што Италија нема простор за маневрирање, рече Рен.

Мадрид – Бројот на невработени во Шпанија минатиот месец е намален за нешто над 2.500 луѓе, што е прв ноемвриски пад на невработеноста од 1997 година. Намалената невработеност е уште еден доказ дека шпанската економија зајакнува по двогодишната рецесија, која заврши во третиот квартал. Сепак, во Шпанија околу 4,8 милиони луѓе, т.е. 26 отсто од вкупната работна сила се уште се без работа. Во 17-члената еврозона, повисока стапка на невработеност има само Грција.

Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху потрошил 909.000 долари од државниот буџет лани за луксузни трошоци. Така, според документот за трошоците кои во медиумите ги проследи група за граѓански слободи, во 2012 година Нетанијаху потрошил 1.700 долари само за миризливи свеќи, 23.300 на цветни аранжмани и 31.600 долари за уредување на паркот во неговата резиденција во Ерусалим.

Пекинг – Кинескиот јуан во октомври го надмина еврото и стана втора најкористена валута во глобалната трговијата. Како што објави агенцијата СВИФТ која нуди услуги во областа на глобалните трансакции, уделот на јуанот во финансирање на трговијата во октомври оваа година пораснал на 8,66 отсто. Во јануари минатата година уделот на кинеската национална валута во финансирањето на трговијата беше само 1,89 проценти.

Токио – Паричната маса во оптек во Јапонија се зголеми кон крајот на ноември оваа година, на највисоко ниво во историјата на земјата и надмина 191,6 билиони јени (околу 1,9 билиони долари). Централната Банка на Јапонија спроведува агресивна политика за пумпање на финансиските средства во економијата со цел да ја стимулира економијата. Паричанта маса ги опфаќа парите во оптек и на тековните сметки на приватни финансиски компании во централната банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП