Да се биде „инста кул“ денес не е само прашање на стил или уметничка визија. Тоа е цел еден концепт што се гради врз совршено креирани фотографии, брендови, трендови и, најчесто, многу – многу трошоци.
Прашањето што сè повеќе млади (и не само млади) си го поставуваат е: колку реално чини таа дигитална аура на „совршен живот“?
Мартина Спасевска, 25-годишна девојка од Скопје, секојдневно објавува естетски беспрекорни фотографии – од утринско кафе во стаклена чаша, до сончеви залези од вила со базен.
„Луѓето мислат дека тоа е мојот секојдневен живот. А вистината е дека за една викенд фотографија со ‘инста вајб’ трошам минимум 150 евра“, раскажува Мартина. „Изнајмување вила на Airbnb, професионален фотограф, шминка, гардероба… Тоа не е случајност. Тоа е инвестиција“.
И навистина, според неформално истражување спроведено меѓу корисници на Инстаграм со над 5.000 следбеници, просечните месечни трошоци за „одржување на имиџ“ се движат од 300 до 1.000 евра. Секако, сè зависи од амбицијата – дали сакаш само убав профил, или сакаш да станеш влијателен лик кој добива спонзорства.
„Имам клиенти кои буквално плаќаат стилист да им подготви 10 аутфити само за фотосесија во Охрид или во Маврово“, вели Александар Јованов, личен стилист и моден консултант. „Некои од нив се подготвени да изнајмат дури и луксузни коли само за фотографирање. Цената не е важна, важно е естетиката да е на ниво“.
Но, тука не застануваат трошоците. Сѐ почесто, луѓето плаќаат и за обработка на фотографии, креирање на текстови со мотивациски цитати, па дури и за вештачко зголемување на лајкови и следбеници.
„На пазарот има сѐ – од апликации за ‘фејк енгејџмент’, до агенции што ќе ти направат цел месечен календар со објави“, вели Бојан, дигитален маркетер од Битола.
Иако некои успеваат да го монетизираат тој имиџ, многумина остануваат во замката на дигиталната перфекција, каде што социјалниот статус е пресметан со филтри и трошоци.
Секако, не сите се спремни да платат за виртуелна слава. Но оние што се спремни, тие плаќаат висока цена – не само финансиски, туку и емотивно, со постојан притисок да се биде „на ниво“, секогаш убав, секогаш подобар, секогаш кул.
На крајот на краиштата, можеби најважното прашање не е „колку чини да се биде инста кул“, туку: дали вреди?
Б.З.М.