19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата меѓу чеканот и наковалната - како до 500 евра минимална плата?

Владата меѓу чеканот и наковалната – како до 500 евра минимална плата?

Покачувањето на минималната плата на 500 евра предизвикува бурни реакции кај работниците, синдикатите, работодавачите и кај Владата.

Додека синдикатите се убедени дека оваа мерка е неопходна за подобрување на животниот стандард, работодавачите се воздржани, а власта тактизира.

Но, дали ова ќе значи автоматско зголемување на другите плати? И што ако државата се откаже од дел од придонесите за да го олесни товарот врз компаниите?

Време е за достоинствена плата

Синдикалците велат дека зголемувањето на минималецот е логична и праведна мерка.

„Не можеме да зборуваме за економски развој ако работникот едвај преживува. Со 500 евра минимална плата не бараме луксуз, туку минимум што гарантира пристоен живот. Ако некој тврди дека ова ќе ја уништи економијата, нека погледне како растат цените – на горивото, храната, енергетските ресурси. Нека растат, но платите треба да мируваат?“, коментираат синдикалците.

Тие посочуваат дека доколку минималната плата се зголеми, ќе мора да се покачат и другите примања за да се зачува разликата меѓу категориите на вработени.

Притисок врз бизнисите

Работодавачите, пак, се загрижени дека ваквото покачување ќе создаде дополнителен финансиски товар.

Тие предупредуваат дека не сите компании можат да ги издржат трошоците и дека зголемувањето на минималецот ќе ги натера или да отпуштат работници или да ги зголемат цените на своите услуги и производи.

„Разбираме дека животниот стандард мора да се подобрува, но ова ќе биде голем удар за малите и за средните компании. Владата мора да најде начин да ни помогне, можеби преку намалување на придонесите или други субвенции, за да не дојдеме во ситуација да затвораме бизниси“, вели сопственик на среден бизнис.

Издржана одлука или популизам?

Од Владата велат дека анализираат различни сценарија. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, смета дека решението за раст на минималната плата кое ќе го договорат работниците и работодавачите и кое ќе се темели на продуктивноста и на исплатата на договорениот износ согласно со законските обврски на Владата, ќе го поздрави и ќе го почитува.

– Како ќе се договорат меѓусебно работниците и работодавачите во рамките на Економско-социјалниот совет, каде што има претставници и од едните и од другите, ние, како држава, ќе го прифатиме тоа што ќе се договорат. Платата треба да биде заснована на продуктивност и доколку одговара тој износ што го договараат, ние апсолутно ќе го поздравиме тоа. Односно, доколку смета едната страна дека може да испорача продуктивност на она што ќе го договорат како минимална плата и другата страна дека ќе може да го исплати согласно со законските обврски, кои никогаш не сме рекле дека ќе ги менуваме, ќе го поздравиме тоа и ќе продолжиме да го почитуваме – рече министерката.

Што носи иднината?

Економистите предупредуваат дека одлуката мора да биде внимателно балансирана.

Доколку платите пораснат без соодветни реформи во економијата, може да дојде до инфлациски притисок, намалување на работните места и зголемени трошоци за компаниите.

„Важно е да има зголемување на платите, но тоа мора да биде пропратено со продуктивност и подобри услови за бизнисите. Во спротивно, ќе влеземе во круг на зголемени трошоци и намалена куповна моќ“, објаснува економскиот аналитичар Ведран Кузмановски.

Во меѓувреме, работниците со нетрпение чекаат исход. Додека Владата и работодавачите тактизираат, а синдикатите вршат притисок, оние што секој ден се соочуваат со високите цени се луѓето што живеат од минималецот.

Ќе успеат ли сите страни да најдат компромис кој нема да донесе штета на никого? Одговорот допрва ќе го видиме.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП