Невладините, граѓанските здруженија и сите кои реално имаат можност но и верба дека нешто може да се промени изработија проект за развој на Пелагонискиот регион. Имено, Центарот за претприемништво и креативност на Економскиот факултет во Прилеп, Здружението за истражување и анализи ЗМАИ изработија анализата за паметна специјализација со фокус на реален развој на Пелагонискиот плански регион.
Експертите се децидни дека образовните институции се клучни во носењето развој во регионот и особено во паметната специјализација. Овој процес, кој претставува воведување на иновации и технолошки напредок во компаниите, почнува на универзитетите.
Анализата ги опфаќа наодите од националната анкета, фокус групите и акцискиот план, изготвен врз основа на предлози од секторите за локален економски развој во општините на регионот. Целта според инволвираните е преку три типа анализи да се покаже каде ни се можностите за развој на регионот, кои дејности треба да се создаваат и во која насока да се движи. Во моментот, дејностите кои се активни во регионот не донесуваат соодветни развој и раст на платите, на работните места и на приходите на регионот за да може да продолжи развојот. Треба да се размислува на развој на финални и технолошки напредни производи. Голем простор за напредок има во сегментот огласување преку медиуми и финансиско работење. Но, во предлозите стои и креирање на бизниси кои се поврзани со постоечката понуда: модерни и разновидни туристички понуди, производство на опрема за параглајдеризам, финални земјоделски продукти и финални изработки од мермер со голема додадена вредност, сметаат надлежните. Добрата вест е дека, според анализата на јавното мислење, постои група на граѓани која потекнува од Пелагонија и би се вратила во регионот. Велат, платите не се најголемиот проблем, туку потребни се подобри услови за живот.
Препораки кои произлегуваат од анализата на дејностите во Пелагонискиот регион и можностите за развој на регионот и намалување на диспартиетите:
„Нашите резултати покажуваат дека економската структура на Пелагонија не дозволува развивање компаративна предност строго во сродни дејности, односно, регионот треба главно да се диверсификува во несродни дејности. Иако несродната диверзификација е ризична бидејќи регионот не поседува релевантно продуктивно знаење и инфраструктура, таа може да помогне во избегнување на економско застарување на регионот. За да им помогнеме на креаторите на политики, предлагаме три портфолио стратегии: несродна стратегија (70% несродни, 30% сродни дејности), балансирана стратегија (50% сродни, 50% несродни дејности), и сродна стратегија (30% несродни, 70% сродни дејности). Секое од овие портфолија се состои од 20 дејности кои се пожелни за диверзификација во следната деценија“, се наведува во Анализата.
Во анализата се наведува и дека, на фокус групите и анализите, има интересни резултати во регионот кој го двои од Скопскиот. И кај младите испитаници и кај повозрасните нема инцијатива за развој на сопствен бизнис. Вработувањето го гледаат во работа за странство, вработување во постоечки компании или јавна администрација. Овие сектори имаат ограничен капацитет и мала додадена вредност односно, се базираат на работа и плата, додека нема финални продукти, интелектуална сопственост и слично.Заклучоците се дека во овој дел треба да се работи на работилници, обуки, можности за почнување на бизниси, финансирање на бизниси, финансирање на граѓански иницијативи кои произведуваат нешто. Предлозите на експертите се во насока на тоа, да им се даде некој вид на старт-ап па дури и мало здружение кое ќе ги „тренира“ во реалниот свет, а тоа да се поддржи со платфроми за учење, емисии и настани за претприемништво, носење инвеститори, посети на старт-апи во земјата и надвор од неа и слично. Тука се верува дека локалната самоуправа, граѓанскиот сектор, старт-ап заедницата и универзитетите можат да даваат услуги.
Сите испитаници истакнуваат дека нема никаков културен живот. Покрај кафулињата и кафаните, казината и кладилниците младите особено бараат да имаат други настани од културен и спортски карактер. Тие сакаат кина, театри, концерти, диска, спортски центри и натпревари. Луѓето патуваат и надвор од границите на државата и гледаат култура, го сакаат овој развој и дома.
И.П