Во време кога сè повеќе млади лица не сакаат да се занимаваат со традиционалните професии како земјоделие или текстилна индустрија, а ниту се одлучуваат да заминат во странство, нови технологии и стартап бизниси стануваат сè поатрактивна опција.
Многу бизнисмени од земјава веруваат дека развојот на „бизнис ангели“ може да биде клучен за стимулирање на иновациите и младинското претприемништво.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека е во тек подготовка на закон со кој ќе се дефинира улогата на бизнис ангелите, условите под кои ќе можат да работат, како и придобивките и олеснувањата што ќе им бидат овозможени.
„Донесувањето на оваа законска рамка е од клучно значење, не само за охрабрување на поединците да станат бизнис ангели, туку и за обезбедување транспарентност и одговорност во процесот на инвестирање. Ова ќе помогне во изградбата на институционални капацитети кои ќе го поддржат развојот на бизнис ангелите во Македонија“, изјави Дурмиши.
Скептицизмот на бизнис елитата
Иако многумина ја поздравуваат оваа иницијатива, сепак постои и скептицизам во деловниот свет.
Еден познат бизнисмен, кој претпочита да остане анонимен, изјави дека иако ја поддржува идејата, смета дека процесот на нејзино целосно спроведување може да потрае.
„Ова е одлична идеја на хартија, но прашање е кога и дали ќе проработи на терен. Нашите бизнисмени и богатите луѓе се претежно скептични и конзервативни кога станува збор за вакви форми на инвестирање. За жал, менталитетот на нискоризично инвестирање е длабоко вкоренет кај нас“, изјави бизнисменот.
Според него, клучниот предизвик ќе биде промената на свеста кај инвеститорите кои досега беа фокусирани на традиционални, сигурни инвестиции со низок ризик.
„Потребно е време за да се воспостави доверба во стартапите и младите претприемачи“, додаде тој.
Што претставуваат бизнис ангелите?
Бизнис ангелите се приватни инвеститори кои финансираат стартапи или нови бизниси во замена за дел од сопственоста или учество во профитот.
Тие се сметаат за клучен фактор за развој на претприемништвото во многу земји. Сепак, во Македонија овој концепт е сè уште во зачеток.
Идејата е да се создаде правна рамка која ќе обезбеди фискални и други олеснувања за бизнис ангелите, но и да се изгради институционална поддршка која ќе им помогне во идентификување и развој на потенцијалните стартапи.
Многу развиени економии веќе имаат вакви механизми кои го олеснуваат процесот на инвестирање во млади претприемачи.
Во Македонија, бизнис ангелите би можеле да играат клучна улога во поддршката на нови идеи и иновации, особено во технолошкиот сектор, кој сè повеќе добива на важност на глобално ниво.
Со цел да се овозможи поголема атрактивност на бизнис ангелите, законот ќе предвиди даночни и други поволности за овие инвеститори.
Како што вели министерот Дурмиши, ова не само што ќе ги охрабри поединците да влезат во светот на ризичните инвестиции, туку ќе обезбеди и одговорност и транспарентност во процесот.
Б.З.М.