16 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботникот ќе биде незадоволен додека темата „плати“ е политичка, а не економска!

Работникот ќе биде незадоволен додека темата „плати“ е политичка, а не економска!

Темата плати во Македонија продолжува да биде повеќе политичка отколку економска. Во која и конотација да ја спомнат политичките елити, веднаш темата плати добива политички контекст. Без разлика дали станува збор темата да ја отвори власта или опозицијата, но се почесто во ова сценарио улога добива и синдикатот.

Во последниов случај на тема плата, работите почнаа да се комплицираат кога Сојузот на синдикати потсети дека првомајското главно барање им е да се зголеми Минималната плата на 450 евра и тоа во првите 100 дена од новата влада. Во еуфорична атмосфера од позиција на власт, новата влада не штедеше зборови и ветувања дека тоа ќе биде и нејзин приоритет, бидејќи како што велат граѓаните им се на прво место. Но, откако ја направија математиката и видоа дека нема толку пари во касата, следниот потег им беше обвинување дека позади синдикалното барање стои опозицијата, а не борба за подобар живот на работниците.

„Ги повикуваме членовите на синдикалната организација да не наседнуваат на политички кампањи во рамките на истата, ние сме Влада којашто многу скоро ќе седне и ќе разговара со сите легитимни синдикални организации. Тука немаме никаков проблем, сакаме да помогнеме, ја разбираме потребата од зголемување на платите“, изјавија од Владата

Како повикани се огласија веднаш и од опозцијата. Темата е одлична за дневна политика, па експресно започна мерењето кој колку ја зголемил Минималната плата. Од опозициската СДСМ се оградија дека стојат позади синдикатот и и посочија на владата дека мора да има план за раст не само на минималецот, туку и на просечната плата.

„Сметаме дека тоа е обид да се дефокусира вниманието на граѓаните и на јавноста од навистина големите скандали коишто се случуваат веќе на почетокот на работата на владата. Ако Владата на СДСМ можеше да најде пари во наголемите кризи во Ковид кризата, енергетската криза за време на почекот и во време на војната во Украина, навистина сметаме дека приказни за мали деца или изговор е да се каже дека во буџетот нема пари.“ велат од СДСМ

А синдиклаците сега јавно прашуваат, која партија ќе бидат кога на политичката сцена би дошла трета опција, кога е ВМРО на власт тие се сдсмовци, а кога е СДСМ на власт синдикатот е вмровски. И ваквите обвинувања велат дека се случуваат со години, со децении, без разлика кој е на чело на ССМ. Ваквите политички обвинувања нема да ги обесхрабрат и велат дека ќе продолжат со нивните заложби, а тоа е достоинствени месечни примања за сите работници.

„ССМ има доставено барање за средба со премиерот како што тоа го направивме и со сите останати министри во изминатиов период. Наша главна улога како социјални партнери е социјалниот дијалог да го водиме за почеток на маса. Како ССМ во минатото мислам дека бевме препознаени и покажавме дека можеме да седнеме на маса, можеме да ги изложиме нашите барања, можеме да ги кажеме нашите образложенија што бараме и што се нашите потреби. Дека треба да се зголемуваат платите на работниците, тоа го мислат работниците и синдикатите и нивните членови“, велат од ССМ.

И додека темата плати политичарите ја водатг како политичка, а не како основа за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, стандардот никако нема да се подобри. Политичките партии само ќе си фантазираат дека добиваат поени со дневна политика додека работникот незадоволно ја извршува својата задача на работа а неговото семејство си легнува гладно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП