Се поизвесно е дека политичката партија ВМРО ДПМНЕ ќе ја формира новата влада. Мнозинството граѓани го дадоа гласот за оваа политичка опција, и сега очекувањата на граѓаните се дека ќе се остварат ветувањата и се она што го промовираше партијата во предизборието. Повисоки плати, повеќе нови работни места, даночна политика, поддршка на домашни фирми и привлекување на странски инвестиции. Што се содржи економската програма на ВМРО-ДПМНЕ, и колку е таа реална, Денар направи анализа на проектите кои има обврска сега да ги реализира новата потенцијална власт.
Фискалната политика во периодот 2024-2028 година од ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување на високо ниво на капитални расходи. Во нивната програма стои дека активната и одговорна фискална политика ќе биде во функција на економскиот раст при умерено и одржливо ниво на дефицит и задолженост. Но, од партијата велат дека се свесни за тешкиот фискален товар и нарушената фискална одржливост од страна на претходната Влада бидејќо јавниот долг на крајот од 2023 година достигна рекордни 62,1% од БДП, а во наредните пет години треба да се реализираат огромни плаќања само по основа на камати во износ од 1,8 милијарди евра.
„Буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3,0% од БДП. Тој ќе биде поврзан со повисоките капитални инвестиции за инфраструктурни проекти, пред сѐ за изградба на транспортната и комунална инфраструктура, инвестиции во енергетски капацитети и инвестициите во образовната и во здравствената инфраструктура. Ако нема надворешни шокови, очекуваме во периодот 2025-2028 година просечната стапка на инфлација да изнесува 2,0% – 2,5% годишно. Буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3,0% од БДП. Тој ќе биде поврзан со повисоките капитални инвестиции за инфраструктурни проекти, пред сѐ за изградба на транспортната и комунална инфраструктура, инвестиции во енергетски капацитети и инвестициите во образовната и во здравствената инфраструктура. Ако нема надворешни шокови, очекуваме во периодот 2025-2028 година просечната стапка на инфлација да изнесува 2,0% – 2,5% годишно. Ќе ја почитуваме независноста на Народната банка на Република Македонија, со очекување дека истата преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен финансиски сектор“, стои во програмата на ВМРО ДПМНЕ.
Во однос на пазарот на труд, од партијата велат дека невработеноста ќе се намали на 7, 5 отсто во текот на следните четири години. А вработеноста ќе се зголеми за нови 55 илјади вработени. Во програмата се наведува дека примарна цел и приоритет на следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е зголемување на животниот стандард на граѓаните во Македонија. За да се постигне оваа цел, потребно е да се зајакне наплатата на приходите, да се подобри ефикасноста на трошењето на јавните пари, да се сведе на нула корупцијата во јавните набавки, да се реализираат значајни инфраструктурни проекти и да се внимава за идните генерации преку обезбедување на одржливост на јавниот долг. Со цел висок степен на реализација на крупните инфраструктурни проекти, потребно е нивно стратегиско планирање врзано со буџетирање.
„ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на создавање предвидливо даночно и регулаторно опкружување како еден од најзначајните предуслови за водење бизнис. Инклузивен ќе биде процесот на регулаторни промени во сите области значајни за функционирањето на бизнисот и граѓаните. Измените во законите ќе подлежат на широка јавна дебата и инклузија од сите засегнати страни. Нема да носиме ад хок решенија, ниту ќе воведуваме кратки рокови за почеток на нивна примена. Ќе формираме платформа за јавно-приватен дијалог“, стои во програмата.
Во однос на даноците, партијата не се откажува од рамниот данок, и според неа тој начин на оданочување е праведен. Данокот на личен доход од 10% нема да се зголемува, даночно ослободување кај данок на личен доход ќе има за нововработени млади лица до 29 години со цел задржување на младите во економијата. Предвидени се и даночни олеснувања за данокот на личен доход за фриленсери. Новина е тоа што од партијата предвидуваат подигнување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници. Најавуваат целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче. Данокот на добивка останува со стапка од 10%, реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува, а за привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка ќе биде 5%.
„Капитални инвестиции исклучиво за продуктивни проекти: инфра структурни и енергетски проекти што ќе бидат во функција на бизнис секторот, и капитални проекти од комунална и друга локална инфраструктура за подобрување на општите услови за живот на македонските граѓани. Зголемен износ на капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра со значајно подобрена структура. Годишен износ на капитални трансфери до 250 милиони евра за општините, вкупно 1 милијарда евра во текот на мандатот. Стратегиско планирање на крупните инфраструктурни проекти врзано за буџетирање. Во планирањето и реализацијата ќе се водиме од приоритетите. За најзначајните стратегиски капитални инвестиции во насока на поефикасно управување ќе ангажираме проект-менаџери“, стои во програмата.
Одс ВМРО ДПМНЕ имаат план да ги променат и правилата за привлекување на странски инвестиции. И тоа преку платформа за долгорочна активност за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, мапирање на индустрии со фокус на високотехнолошки дејности, институционални промени и редизајнирање на системот на финансиска поддршка.
„Ќе креираме единствена Агенција за странски инвестиции и извоз, преку спојување и рационализација на постоечките агенции. Агенцијата ќе обезбедува услуги за инвеститорите по системот на one-stop shop, како во однос на информации и совети, така и постинвестициски, како aftercare. Финансиската поддршка ќе се базира на објективни критериуми. Ќе обезбедиме целосна инфраструктурна и логистичка поддршка во индустриските зони“, стои во програмата.
Но, освен странски планот е да се помагаат и домашните компании.
„Ќе ги мапира домашните компании кои имаат потенцијал да бидат доставувачи на големи мултинационални компании. Ќе ги идентификува областите каде може да се направи подобрување на нивните перформанси во смисла на Моделот за извонредност на Европската фондација за менаџмент на квалитетот (EFQM). Ќе креира индивидуални планови за компаниите со препораки како да ги подобрат стандардите, а за истото ќе биде обезбедена и соодветна техничка поддршка од експерти од соодветниот сектор. Ќе обезбеди државна финансиска помош за инвестиции во нови капацитети во функција на интеграција во ланецот на доставувачи“, стои во програмата.
Од ВМРО ДПМНЕ најавуваат и дека со посериозен пристап ќе се оди на сузбивање на сивата економија. Преку дигитализација ќе се поедностави регистрирањето на микро и мали фирми, како и пријавувањето на работници ангажирани на пократок рок и сезонски, посебно во дејностите трговија на мало, градежништво и други услужни дејности. Велат дека треба да се подигне јавната свест за предностите од формализација на бизнисите и пријавување на работниците заради нивна поголема социјална заштита и еднаквост на сите пред законите. Потоа, имаат план да ја заштитат електронската трговија од нерегистрирани трговци со измени на законодавството и да гарантираат плаќање на даноци.
И.П