28 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИЧестито 20 годишнина

Честито 20 годишнина

На 22 март се навршија 20 години од поднесувањето на барањето за членство во ЕУ на РМ. На тој датум во 2004 година тогашниот премиер на Република Македонија (БЈРМ), Бранко Црвенковски, го поднесе во Даблин барањето за членство на нашата држава во Европската Унија (во понатамошниот текст ЕУ). Ви се верува дека поминаа 20 години? А каде сме ние сега после тие 20 години?

Вистина е дека секој пат треба да си ја бараме вината прво кај нас затоа што до сега не сме членки на ЕУ, односно во неспособните политички елити, но не можам а да не се сетам на старата македонска песна односно на стихот Европо блуднице вавилонска. Сакам да кажам дека се почесто се прашувам дали и колку е Европа виновна за тоа каде сме како држава и регион.

Пробувам да се сетам што е поразлично од пред дваест години во нашата мала и мила Македонија.

Имаме 50-тина километри повеќе автопат. Не се знае точната бројка на иселени луѓе. Велам луѓе не велам македонци. Ако не грешам бројот на ученици во основното образование во Тетово од почетокот на оваа учебна година се намалил за околу стотина (се извинувам за точната бројка) на почетоткот на второто полугодие. Верувам дека бројката на ученици се намалува скоро секаде низ државата. Што значи дека млади и работно способни луѓе си одат од државава. Друго што е различно? Имаме повеќе трговски центри или популарно молови, имаме нови трговски брендови во нив, а сепак сеуште одиме во Солун на шопинг. Се најдовме на врвот на листата на загадени градови во светот. Многу нови изградени згради и кај што треба и кај што не треба да ги има. Партиска и политизирана јавна администрација. Уништено јавно здравство.

Чувството е дека сите држави околу нас отидоа и одат напред, а ние стоиме во место па дури во некои области од живеењето се враќаме назад. Можеби најдоброто нешто што се случи е тоа дека станавме членка на НАТО па ни е загарантиран територијалниот интегритет како држава.

Убеден сум дека членството во ЕУ е правилна работа и затоа постојат преговори и се преговара по поглавја за да се усогласиме со закони, правила и начин на фукционирање на државата со оние на земјите на ЕУ. Како да забораваме дека демократијата не значи анархија, односно значи владеење на правото и еднаквоста и за да дојдеме до таму потребни ни се работа и реформи. Затоа ни се потребни овие преговори со ЕУ.

Да, точно е дека ниту една влада не направила доволно да мрднеме понапред и да се доближиме кон Европа, но факт е тоа дека моќните европски земји преку ЕУ нѐ користат како маша за подкусурување односно вежбаат строгост над нас. Прво Грција нѐ блокираше заради името на државата, па Франција не дозволи да почнеме преговори заради менување на критериумите за членство, сега нашиот источен сосед нѐ блокира односно директно ни се меша во внатрешните работи. Бараат да ги пишеме во уставот, а при тоа не нудат реципроцитет. Сигурно многу луѓе мислат како мене дека ова не е сѐ и дека ќе излезе ново барање односно нови услови за членство. Едноставно не е фер.

Не одењето напред, доведе до тоа да многу делови од системот да се недоволно дефинирани, сивата зона стана нормално, ни се уби критичната мисла и ентузијазмот. Ни остана или наведни ја главата (да не ја исече сабја) или замини си од Македонија. Образовниот систем ни е на колена, судството и делот правда во државава е невидена срамота и што ми е најчудно сето ова ни стана новата реалност и нормално.

Мој другар беше во скоро времe на посетa кај роднини во Германија и на прашањето како помина ми одговори вака. “Германија е пред нас илјада години во сите области. Имаат проблеми како држава, но ќе ги надминат и пак ќе се пред нас илјада години.”

Во однос на ЕУ и преговорите со нив не се ништо подобри ниту Албанија ниту Србија и токму таа нова алијанса наречена Отворен Балкан е она што ми дава надеж за подобро утре.

Ќе го парафразирам еден од премиерите од соседството дека за да Европа нѐ сака треба ние да покажеме резултати и докази дека сме се смениле и дека со потполно право сметаме дека сме дел од европското семејство на народи. До сега земјите од западен Балкан, секоја сама за себе, се покажа немоќна да се наметне и да стане дел од ЕУ.

Сметам дека единствениот пазар на труд но и усогласеноста на законодавството меѓу државите, како и заедничката поддршка на локалната економија, ќе води кон подобар живот на сите на Балканот. Не велам да престанеме да преговараме со ЕУ, напротив. Треба со заеднички проекти да се користат европски пари за патна инфраструктура. Потоа, да се заговара заедничка безбедносна политика на земјите на Отворен Балкан. Понатаму здружена борба на земјите против криминалот, корупцијата и сивата економија ќе допринесе сите ние економски да се развиеме и ќе се (во прво време) намали па и запре иселувањето на пред се младите луѓе од овие простори.

Замислете, со отворени граници и со изградба на автопат, од Белград до Охрид со кола ќе се стигнува за шест до седум часа. Ајде да се поврземе со автопат од исток кон запад, од Јадранско до Црно море. Брза пруга од Србија до Солун па и понатака ќе биде услов за економска благосостојба. Образованието мора да го следи бизнисот и да се подобрува, а подобро здравство ќе значи и подобар живот за сите.

Искрено мислам дека преку регионалниот развој ЕУ сама ќе нѐ покани да станеме и ние нивни членови. Има една поговорка која се однесува за екологијата но може да важи и овде. “Мисли глобално, делувај локално.”

Не заговарам никаква нова Југославија или балкански сојуз, но мислам дека и Европа а и САД се свесни дека СФРЈ (економски и социјално развиена држава од 1990 -та) со сите свои републики да станеше членка на тогашната Економска Заедница немаше да има крвопролевање, војна и уназадување на цел регион за минимум педесет години. Свесни за таа грешка целиот регион ќе мора прво да се развие и соработува, па заедно да се внесе во ЕУ.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП