2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска-Бежоска на Конференција на Централна банка на Белгија: Независноста на централните банки...

Ангеловска-Бежоска на Конференција на Централна банка на Белгија: Независноста на централните банки и макроекономската стабилност се меѓусебно условени

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Конференцијата во Брисел посветена на независноста на централните банки, на која учество зема и директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

„Постои јасна врска помеѓу макроекономската стабилност и независноста на централните банки, како кај развиените, така и кај економиите во развој, што е докажано и преку емпириските истражувања. Само независна централна банка може да ја одржи кредибилноста и да ги задржи стабилни инфлациските очекувања“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска, говорејќи на панел-дискусијата посветена на перспективите на независноста на централните банки, во рамки на конференцијата од високо ниво за гувернерите од Холандската конституенца, насловена „Независноста на централните банки во светот кој се менува“.

Гувернерката истакна дека за да се зачува независноста на централните банки, клучни се соодветни законски механизми, што во случајот со нашата централна банка е регулирано со Уставот и е оценето од страна на ЕУ како висока усогласеност со европските директиви. „Оценката на независноста на централната банка, и согласно емпириските истражувања, е дека таа низ годините се зголемила и дека Народната банка има високо ниво на независност и нужно е да остане така, во насока на зачувување на макроекономската стабилност“, посочува Гувернерката. Таа наведе и други фактори од кои е условена независноста, како квалитетот на истражувачките капацитети, интегритетот на вработените во банката, но и заложбите на самата централна банка да биде транспарентна кон јавноста.

Во својата дискусија Гувернерката се осврна на зголемениот фокус на јавноста во однос на независноста и работењето на централните банки, што се должи и на зголемувањето на опфатот на мандатот на централните банки, кои покрај одржување на ценовната стабилност, по Големата финансиска криза, добија и нови надлежности, како што е финансиската стабилност и носењето на макропрудентни политики. Исто така, тука е „зелениот мандат“ на се повеќе централни банки во светот, кои се инволвираат во поддршка на зелената транзиција, преку поддршка на зелените финансии. Окружувањето во кое работат централните банки стана покомплексно и понеизвесно, имајќи ги во предвид изминатите неколку години, кога нивните политики, за релативно кус период, имаше потреба да преминат од флексибилни во затегнати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП