4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКога бизнисот ќе добие приоритет во владините политики?!

Кога бизнисот ќе добие приоритет во владините политики?!

Бизнисот бара подобрување на условите за водење бизнис, властите уверуваат дека прават се економијата да испорачува позитривни резултати. Вакви спротиставени гледишта веќе подолг период имаат стопанствениците и креаторите на економските политики во Македонија.

Додека Стопанските комори бараат намалување на даноци, елиминирање на парафискални давачки, и можност за нови инвестиции, од Илинденска број два редовно преку своите дописи до јавноста информираат како макотрпно се залагаат за подобрување на бизнис климата во државата.

Од Министерството за финансии уште еднаш уверуваат дека навремено и со прецизни мерки одговориле на досегашните кризи и сега е ред економијата да застане на стабилни нозе. Нивните пресметки се дека антикризните мерки досега вкупно го чинеа буџетот околу 2,7 милијарди евра.

Според достапните информации сетот на мерки за одговор кон пандемијата вкупно чинел околу 1,2 милијарди евра, втората група на мерки, односно сетот на мерки како одговор на енергетската и потоа ценовната криза го чинеше околу 760 милиони евра. Последниот пакет на мерки достигна 662 милиони евра. Од финансии велат дека и покрај оваа буџетска поддршка се зачува фискален простор за во иднина да се одговори на непредвидливи кризни состојби, но во исто време да се поддржат инвестициите и структурните реформи за постигнување на одржлив и забрзан економски раст на среден и долг рок.

„Кога зборуваме за структурата на буџетот, а во контекст на развојната компонента, би сакале да нагласиме дека значајна поддршка за приватниот сектор и приватните инвестиции, се дава и преку директна буџетска поддршка, која во изминатите три години изнесува 550 милиони евра. Тука спаѓаат мерките и активностите на Развојната банка, на Фондот за иновации, Дирекцијата за ТИРЗ, како и поддршката според Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Со овие средства во изминатите три години се поддржани 11.491 компании со 119.000 вработени. Со тоа се поттикнати инвестиции од 2,1 милијарди евра од страна на стопанството во нашата економија. Кога на ова ќе се додаваат и средствата предвидени со буџетот на 2024 година и последниот пакет на антикризни мерки, поддршката за компаниите од буџетски средства и поволни заеми надминува една милијарда евра. Со издавање на нови финансиски инструменти на пазарот на капитал, се мобилизираат дополнителни средства во различни фондови (како на пример Фоднот за зелени инвестиции и слично) кои ќе се наменат за поддршка на инвестициската активност на приватниот сектор. Исто така, поддршка за приватниот сектор имаше во континуитет и преку други програми владини програми, како и активните мерки на пазарот на работна сила преку Агенцијата за вработување“, велат од Министерството за финансии.

Од Сојузот на стопански комори пак не се задоволни од актуелните ниту пак од мерките кои им беа на располагање во овие неколку години кризен период во кој помина не само македонската туку и глобалната економија. Потребен им е простор и можност за повеќе инвестиции, и само на тој начин ќе може компаниите, а со тоа и самата економија да растат. Моменталната состојба во стопанството е на граница на пропаст велат од ова бизнис здружение.

„Многу се мали шансите македонските компании да инвестираат. Ако станува збор за производните капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетиката, на приватниот сектор не му се дава адекватна можност. Дополнително, административните процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија ниту, пак, доволно компетенции правилно да се менаџираат процесите. Во периодот што доаѓа приоритет треба да бидат: капиталните инвестиции и инфраструктурата, енергетиката, иновациите, зелените технологии и циркуларната економија. Со подеднаква важност ги издвојувам стратегиските македонски производни гранки, како прехранбената индустрија, металите, градежништво и друго. Мисламе дека доколку се обрне внимание на вистински начин на овие важни сектори, растот на македонската економија може да биде драстично побрз од сегашниот и конечно да успееме да фатиме приклучок кон нивото на другите слични економии како нашата“, велат од Сојузот на стопански комори.

Во она што се сложуваат двете страни, и бизнисмените и властите е дека и годинава ќе биде полна со предизвици. Дополнително изборите ќе си го сторат своето, активноста на делување на компаниите ќе биде намалена, бидејќи ќе се стопираат и сите капитални проекти кои властите имале намера да ги реализираат преку механизацијата на приватниот сектор. Оптимизам има за периодот што следи, но дали во оваа или веќе во 2025 година конечно економските прашања ќе бидат први на агендата на вледините седници, останува да се види.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП