2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛани енергетската криза на државата и „изеде“ капитални проекти вредни над 220...

Лани енергетската криза на државата и „изеде“ капитални проекти вредни над 220 милиони евра

Кои капитални инвестиции лани не се реализираа поради енергетската криза. За што во буџетот за 2022 година беа предвидени пари, а завршија на сосема друго место. Центарот за граѓански комуникации во своето последно истражување детално ги претставува проектите од кои властите се откажаа и средствата за нив ги пренаменија за антикризни цели.

Експертите од Центарот за граѓански комуникации пресметаа дека најмалку 170 милиони евра не се реализираа во проекти кои беа дел од програмата на владата за работа во тековната 2022 година. Нивните наоди покажуваат дека за Хидросистемот Злетовица и за модернизација на земјоделството лани биле планирани 4,5 милиони евра, а се потрошиле само еден милион евра. Големо кратење на средства имало и во делот на реформи во казнено поправните установи, од првично предвидените 4,6 милиони евра реализирани биле само 127 илјади евра.

Од невладината организација велат дека без реализација останале плановите за реновирање на амбасадите, конзулатите, резиденциите на земјава во Бразилија, Камбера, Атина, Будимпешта, Цирих и Хараре. Без потребната ИТ опрема поради кризата со струја лани остана и Управата за јавни приходи, а не е направена ниту надградба на постоечката опрема и консолидирање на базите на податоци во вредност од 800 илјади евра. Сериозно укинување на средствата за инвестиции во патна инфраструктура е забележана од страна на Центарот за граѓански комуникации, од каде велат дека владата лани се откажала од 96 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта.

„Високите расходи во сегментот на плати и надоместоци, субвенционирањето на енергетскиот сектор, како и општиот тренд на зголемување на трошоците, вклучувајќи ги трансферите кон социјалните фондови и системското зголемување на делот од прибраните средства по основ на данок на личен доход и ДДВ што се пренесува во корист на општинските буџети, ги напрегнува јавните финансии, поради што ефектот од инфлационата дивиденда кај буџетските приходи се анулира, а остануваат буџетскиот дефицит и задолжувањето како опции за решавање на дефицитите. Задолжувањето ќе биде иден буџетски товар (расход) во согласност со договорените услови за финансирање на дефицитот. Постои големо салдо на ненаплатени побарувања по основ на неплатени јавни давачки (по основ на ДДВ од промет во земјата и од увоз, данок на добивка, данок на личен доход, акцизи и царини) кои, според евиденцијата на Управата за јавни приходи, изнесуваат повеќе од 143 милиони евра. Не се презентираат јавно ефектите од евентуалната наплата на ненаплатените побарувања и преземените правни мерки за наплата на ненаплатените побарувања“, стои во истражувањето.

Тоа што загрижува во ова истражување се слабостите во буџетското сметководство кое е засновано врз готовинска основа. Податоците велат дека институциите покажале исклучително ниско ниво на отчетност во однос на планираните а нереализирани проекти што во одредени ситуации отвора сомнеж и за свесно криење на информациите од јавноста. Од невладината велат дека поради грешка во предлог завршната сметка на буџетот за 2022 година не било можно да се направи анализа за влијанието на кризите врз функциите на државата како општите јавни служби, одбраната, јавниот ред и мир, економските работи, заштитата на животната средина, образованието, културата и религијата, социјалната заштита.

„Од вкупно реализираните капитални расходи во вредност од 465 милиони евра, дури 28 %, односно 131 милион евра, биле потрошени за исплати што не може да се сведат под категоријата „капитални“. Станува збор за дел од исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетската криза во вредност од 97 милиони евра, плаќања гаранции по рати за кредити на АД за државни патишта и на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје (30 милиони евра), како и за исплатите кон АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра), исто така поврзани со енергетската криза. Вкупната буџетската поддршка на АД Електрани во кризната 2022 година изнесува 230 милиони евра. Доколку кон овој износ се вклучи и буџетската поддршка од 86 милиони евра за истата намена, исплатена кон ЕСМ во последниот квартал од 2021 година, како и 62 милиони евра исплатени во првите девет месеци од 2023 година, произлегува дека вкупната поддршка на домашното производство поради енергетската криза изнесува 378 милиони евра. Растот на расходите за греење во 2022 година се проценува на 59 милиони евра во однос на 2021 година. Во пресметката на овие расходи, кои вкупно се проценуваат на 108 милиони евра, покрај платените расходи од завршната сметка на Буџетот на РСМ, се вклучени и обврските што доспеале во тековната година, но не биле платени. Од овие расходи, 83 милиони евра се платени, а 25 милиони доспеале, но не се подмирени. Кризната 2022 година се рефлектира во Буџетот низ пораст на трошоците за греење, зголемување на задолжувањата, намалување на способноста на институциите да ги плаќаат навреме своите обврски и низ пораст на потребата од поголеми интервенции од централниот буџет на државата”, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Препораките на Центарот за граѓански комуникации се дека е потребно дел од расходите од буџетот кои се предвидени за Капитални расходи да бидат издвоени на посебна сметка. На тој начин ќе се среди делот на расходите кои по суштина не припаѓаат во таа група. Дополнително, потребно е да се вложат напори за забрзување на темпото на реализација на капиталните проекти за да се надмине состојбата на префрлање на реализацијата на одредени значајни проекти од година во година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП