Пет грама сол во текот на денот, односно нешто помалку од една лажичка од овој додаток на храна, е дневната количина препорачана од Светската здравствена организација.
Се случува да не го следиме овој совет и да претераме со солењето на храната, а како изговор наведуваме дека сме користеле морска сол, која наводно е поздрава од обичната сол. Ова мислење е далеку од точно, бидејќи не е важно каква сол користиме, туку колку, велат кардиолозите.
Солта е една од најчестите состојки што се користат во готвењето и производството на храна. На пазарот има најразлични видови, а можеме да забележиме дека морската сол се почесто се користи и речиси ја заменила обичната кујнска сол.
Факт е дека морската сол е помалку преработена, но тоа не значи дека е поздрава:
-Солта е сол, без разлика дали е розова, бела, кујнска, морска сол. Морската сол не е поздрава од кујнската сол во однос на ефектите врз крвниот притисок и здравјето на срцето. Не е во прашање видот на солта, туку количината што ја користиме и не смее да ја надмине дневната препорака – вели кардиологот Сузан Стајнбаум, а пренесува NBC.
Кои се разликите помеѓу кујнската и морската сол?
Главните разлики помеѓу морската сол и кујнската сол се во вкусот, текстурата и обработката. Морската сол доаѓа од испарувана морска вода и е минимално обработена, така што може да задржи минерали во трагови. Малата обработка и содржината на минерали даваат арома, боја и ги прават кристалите поголеми.
Кујнската сол дополнително се обработува и се отстранува минералната содржина. Содржи јод, есенцијална хранлива материја која помага да се одржи здрава тироиднада жлезда, но и адитиви кои се користат за спречување на формирање на грутки.
Лекарите советуваат да се јаде помалку, но поквалитетно
Експертите препорачуваат ограничување на сол од секаков вид во вашата исхрана, бидејќи овој вообичаен додаток на храна содржи натриум, кој може да го зголеми крвниот притисок. Содржината на овој елемент во двата вида сол е идентична и изнесува 40 проценти. Треба да имаме на ум дека го има во овошјето, зеленчукот, месото, како и во преработената храна – еден од водечките извори на натриум е лебот, а веднаш по него следи пицата, покажуваат податоците на Американското здружение за срце.
Наместо да се фокусираме на видот на солта што треба да ја користиме, препораката е да јадеме помалку, истакнуваат лекарите. Тие нè советуваат да се држиме до препорачаната доза, бидејќи тоа ќе помогне подобро да се контролира крвниот притисок, да се намали ризикот од кардиоваскуларни болести, срцев удар и мозочен удар.