6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЈадеме евтино, ама неквалитетно – месото е полно со вода, јогуртот со...

Јадеме евтино, ама неквалитетно – месото е полно со вода, јогуртот со прашок?

Граѓаните во Македонија сè почесто се соочуваат со намален квалитет на храната што ја купуваат од продавниците.

Киселото млеко и јогуртот имаат вкус на прашок, сирењето е гумено и без вкус, а месото е полно со вода и прска на сите страни додека се пржат во тавче. Граѓаните се жалат дека не го добиваат тоа што го плаќаат.

„Јас секогаш купувам месо од истата месарница, но во последно време забележав дека месото е многу водесто и не можам да го пржам нормално. Сè прска и пука од тавчето. Не знам што прават со месото, ама не е во ред. Зборував со сопственикот на месарницата, ама и тој крева раменици и вели дека месото го набавува од исто место веќе неколку години”, коментира Драгана Манаскова од скопската населба Влае.

Владимир Костов од Тафталиџе, пак, вели дека во последно време забележал промена во текстурата на јогуртот.

„Јогуртот ми предизвикува болка во желудникот, а тоа никогаш не ми се случувало. Но, забележав дека јогуртот што го купувам од продавница има чуден мирис на прашок и не изгледа како вистински јогурт. Истото важи и за сирењето, кое нема никаков вкус на сирење. Сè е како пластика”, посочува Костов.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) потврдуваат дека ова не е поединечен случај, туку системска појава.

„До нас стигнуваат сè повеќе поплаки од граѓаните за квалитетот на производите, како и во однос на грамажата, особено на производите што се продаваат на мерење. Ние имаме информации дека се прават разни манипулации од страна на производителите и трговците, со цел да ја зголемат својата добивка на сметка на потрошувачите. Најголем дел од поплаките се однесуваат на тоа дека производите имаат повеќе вештачки отколку природни состојки во својот состав, како што е случај со млекото во прав во млечните производи. Ние ги упатуваме во Агенцијата за храна и ветеринарство, која врши контрола на тоа кои состојки се користат во производството на одредени производи“, брифираат од ОПМ.

Експертите со коишто разговаравме објаснуваат дека овие појави зачестиле откако почна намалувањето на цените на производите, кое беше иницирано од страна на Владата.

„Трговците, кои мораа да ги намалат цените за да ја компензираат загубата, односно да не го намалат профитот, почнаа да ги намалуваат грамажата и квалитетот на производите. Така, потрошувачите плаќаат исто или повеќе за помалку и полошо”, коментираат експертите.

Тие апелираат до потрошувачите да бидат внимателни при купувањето на храна и секогаш да ги проверуваат декларациите, роковите на траење и грамажата на производите.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП