28 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИЗемјата наша насушна

Земјата наша насушна

Не памтам зеленчукот и овошјето да биле толку скапи како оваа година. Дали по законот за понуда и побарувачка, односно помалото производство доведе до тоа да има повисоки цени или нешто друго е во прашање?

Она што е компаративна предност на економијата во Македонија е сонцето, земјата и евтината работна сила. Барем така беше порано. Сонцето го имаме, земјата се помалце се обработува, сточниот фонд се намалува а работната сила ја снемува и е се поскапа.

Ќе ви раскажам за три случки од моите патувања низ Македонија.

Некаде во Пелагонија разговарам со двајца млади луѓе, еден од Пелагонија а другиот од околина на Крушево. Темата е тутунот. Тутунот како земјоделска култура е тежок за работа, репроматеријалите се скапи, а и климатските промени не влијаат добро на земјоделието во целина. “И како е, се живее ли од тутунот?” прашувам. Да парафразирам, разговорот течеше дека е тешко, па дека не се исплати да се работи тутун. Па за да на крај, кога прашав околу трошоците, да дојдеме до тоа дека со субвенциите кои ги дава државата се покриваат голем дел од трошоците (не земајќи ги во предвид работата и времето) и дека во зависност од откупната цена може доста солидно да се заработи и добро да се живее од тутунот.

Со релативно млад (околу 38 години) човек се возам низ Преспа. Од една страна на патот, јаболки на дрвата се смeат од убавина, натежнати и спремни за берба. Од другата страна на патот запуштени јаболкници, јаболките на дрвата очајни. “Овие убавите се мои” се фали мојот соговрник “а другиве се само за да се земат субвенции”. Мојот соговорник продолжува “Инвестираме со моето семејство во механизација и опрема. Се едуцирам и следам модерни трендови во режење и прскање на овошките. Напорно е но затоа годинава очекувам богат род и богат приход со оглед на откупните цени. Се исплати. Не е секоја година добро но годинава е супер.”

Пред месец до два во разговор со сопственикот и директор на фабрика за преработка и конзервирање зеленчук од Валандовско-Дојранскиот регион, прашувам за откупната цена на црвената пиперка, ајварка, оваа есен. Господинот ми вели: “40,00 до 50,00 мкд и тоа од нива да ја купиш. Откупната цена ни прави големи проблеми затоа што ние веќе имаме договорени цени на готов производ кон нашите купувачи и тоа цена постигната уште во Февруари, Март. Сега сме приморани да ја дигнеме нашата цена, па се откажуваат договори или се намалува количината производи што ја нарачале.” Прашувам зошто е висока откупната цена оваа година. “Наместо да се окрупнуваат производителите, да се здружуваат и произведуваат заедно, се случува дека луѓето се иселуваат и се намалуват засадените површини. А помалце род значи поголема цена”.

Не сум се занимавал со земјоделие, можам само да претпоставам колку е тоа мачна и на моменти неблагодарна професија. Но погубно е што се бега од она во кое можеме и мораме да сме силни, а тоа е производството на храна. Верувам дека една од причините зошто е тоа така е неизвесноста, како од временските прилики/неприлики но исто и од откупните цени.

Треба да се направи или подобри стратегијата за развој на земјоделието и преработувачката индустрија. Најпрво треба да се заштити домашниот производ преку воведување големи даноци и такси за увозните зеленчук, овошје и друго. Ќе ги потсетам постарите читатели како 90-тите години од минатиот век беше упропастено садењето на шеќерна репка во Македонија. Имено, тогашната шеќерана од Битола имаше долгогодишна пракса на склучени кооперативни договори со земјоделци од цела држава за прозиводство и откуп на шеќерна репка, но поради разно разни интереси за поедини трговци кај нас, беше дозволен увоз на нерафиниран шеќер од Кина и приказната со шеќерната репка заврши неславно.

Исто така, во време на ковид кризата се виде колку сме зависни од увоз на нерафинирано масло за готвење.  Инаку имаме фабрика која може од сончоглед  да прави масло кај нас скоро и да не се одгледува оваа култура.

Мислам дека едно од можните решенија е да се отворат неколку “Агро Берзи” низ државата, на пример во Струмица, Прилеп и Скопје. Агро Берзата може да се организира на принципот приватно јавно партнерство. Агро берзите би биле воедно и институции кои би ја спроведувале стратегијата за развој на земјоделието односно би ги мотивирале и потикнувале земјоделците за одгледување на афион, памук како и други култури. Би биле посредници во процесот на издавање на долгогодишен закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост на заинтересирани физички и правни лица.

Најважно е дека Агро берзите би склучувале кооперативни договори со земјоделците со гарантирана откупна цена на производот. Со ова би се тргнала незивесноста околу откупот. Откупените производи потоа Берзата би ги продавала по принципот на берзанска продажба. Односно во зависност од побарувачката но не пониско од одредена цена. Делот од непродадените продукти, Агро Берзите би ги чувале како државни стокови резерви и во случај на раст на цените би се пласирале на пазарот производи по поевтини цени. Агро Берзите би биле и консултанти и би им помагале на младите земјоделци пред се во прстапот до пари од европските фондови. Дополнително агро безите можат и да се занимаваат со продажба на семенски материјали, ѓубриво и други средства за земјоделците кои им се потребни за квалитетно производство.

Ќе отидам и чекор подалеку, а тоа е дека храно-преработувачката индустрија мора да биде подржана и помогната од државата со поевтини репроматеријали, без царински увоз на машини, или слично. Прав пример за тоа треба да ни биде соседна Србија со мерките кои ги превзема за помош на својата прехрамбена индустрија.

Понатаму, сите прехрамбени производи треба конторолно тело од страна на државата (можеби Агенција за храна и ветеринарство) да врши контрола и издава сертификат за квалитет на зеленчукот, овошјето и прехрамбени производи. Сите овие (прехрамбени производи од македонски компании со минимум 80% од употребеното овошје и зеленчук да се од Македонија) да бидат обележени како трговска марка произведена под Македонското сонце  (ова нема врска со кампањата за производи со сонценнце од минатото). Ова брендирање ќе доведе до тоа трговската марка да стане позната и призната дома, во регионот и низ светот.

Луѓе, само домашно си е домашно.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП