2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКолку ќе фрлиме, толку ќе си платиме – ѓубрето ќе ни го...

Колку ќе фрлиме, толку ќе си платиме – ѓубрето ќе ни го мерат со кантар?!

Со цел да се подобри управувањето со отпадот и да се заштити животната средина, граѓаните наскоро ќе мора да го селектираат отпадот во различни канти за рециклирање.

Оваа мерка ќе има и финансиски ефекти, бидејќи комуналните претпријатија својата услуга ќе ја наплаќаат според количината на направениот отпад, а тоа значи дека ќе се менува сегашниот принцип кој значеше иста цена за секое домаќинство.

Па така, оние кои ќе произведуваат помалку отпад и ќе го селектираат правилно, ќе плаќаат помала сметка за ѓубре. Целта на оваа мерка е да се поттикне одговорно однесување кон отпадот и да се намали загадувањето на околината.

Оти, според статистиките, во Македонија секој граѓанин годишно произведува околу 400 килограми отпад, од кои само 5% се рециклира. Дел од овој отпад завршува и во природата, каде што предизвикува сериозни проблеми и го нарушува биодиверзитетот.

Министерството за животна средина веќе започна да подготвува нов правилник и методологија за пресметка за отстранување на ѓубрето, а како што се зборува, цената ќе биде различна за секој регион во земјата и ќе ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.

На овој начин, сметаат од Министерството за животна средина, преку сметките за ѓубре, граѓаните во иднина ќе се мотивираат повеќе да селектираат отпад бидејќи нивните сметки ќе се намалуваат пропорционално со количината на селектираниот отпад.

Засега е непознат и датумот кога би требало да започне да се применува новиот начин на плаќање ѓубрарина, но тоа што се знае е дека 31 декември 2023 година е последниот рок.

Ако се усвои оваа методологија, тоа ќе значи дека граѓаните ќе треа да поседуваат две канти за селекција на отпадот, а планот е кантите да се обезбедат преку заемот од ЕБОР и со ИПА грант.

Законот предвидува и глоба од 50 евра за физичко лице доколку не врши селекција и не го одлага отпадот во посебните садови за таа намена. Казните за компаниите пак се движат до 10.000 евра за мешање на отпадот.

Денар разговараше со екологисти кои велат дека ова е одлична можност да се заштити природата, а и за да го снема ѓубрето од улиците.

„Селектирањето на отпадот е едноставен и ефикасен начин да се подобри квалитетот на живот и да се зачува околината. Со тоа, не само што ќе ги намалиме трошоците за ѓубре, туку и ќе придонесеме до редуцирање на потрошувачката на природни ресурси, енергија и вода. Затоа, сите треба да прифатиме оваа мерка како прилика за позитивна промена и да почнеме да го селектираме отпадот веднаш“, коментираат екологистите.

Според податоците на Државниот завод за статистика, само 18,3 отсто од комуналниот отпад лани е селектиран. Лани 40.259 тони биле селектирани како органски отпад (храна, лисја и останато ѓубре), биле селектирани 13.063 тони пластика, 12.178 тони хартија. Во 2022 година сме селектирале 8.373 тони текстил, 3.754 тони стакло, 2.302 тони метал и 1.487 тони гума.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП