Хортикултурното уредување на просторот околу нас, дворовите, терасите, улиците, парковите го облагодарува просторот, и претставува најдобро можна инвестиција во нашата одржлива иднина.
Но за жал просторот за зеленило се повеќе се стеснува и му отстапува место на урбаниот неред.
Колку денес луѓето, компаниите имаат навика да го озеленуваат својот слободен простор, колу се интересираат за стручен совет и колку користат услуги за соодветно уредување на индивидуалниот или заедничкиот зелен простор разговараме со Ѓорѓи Самарџиев, сопственик на семејната компанија Градинарски центар ФОЈА.
Интересот за озеленување на просторот околу станбените единици секогаш постоел, иако оваа работа се вбројува во зона на луксуз. Долги години хортикултурата ја развиваа јавни претпријатија и сега, иако се менува менталитетот сѐ уште повеќето сметаат дека е скапо купувањето на растенијата, косењето, расадувањето… Сѐ уште овие услуги не се докрај афирмирани, бидејќи сепак е еден занает што заслужува професионално внимание. Но, за жал како денес стојат работите, не секој професионалец може да дојде до израз поради зафаќање со одредена работа на различни луѓе. Но, ФОЈА ги охрабрува и им стои на располагање на сите заинтересирани сопственици на градини за упатство, совет и едукација како да си го одржуваат зеленилото. Даваме совети за се што знаеме за хортикултура или поврзаност со некое растение.
Оваа година „ФОЈА“ го слави своето полнолетство со околу 40-ина вработени. Денес овој градинарски центар и расадник се простира на околу два хектари во атарот на Скопска цементарница. „Во еден дел произведуваме растенија, претежно во саксии- два до три литри, додека во градинарскиот центар имаме широк асортиман на растенија од сезонски цветен расад, перени како божури, хризантеми -трајни цветници, декоративни зимзелени и цветни грмушки, топијарени форми (растенија скроени во некаква форма –лаванда, ехинацеа), собно цвеќе. Како бројка во текот на една годината низ нашиот центар поминуваат повеќе од 500-тини разни видови растенија, а како количина на садници различно во различен период.
Самарџиев, објаснува дека хортикултурното уредување е фаза која најчесто следува на крај во изградбата на еден објект и кога треба да се прават комбинации како да се уреди дворот со помалку средства.
„Во принцип за да има еден двор хармонија, мора да има рамнотежа, комбинација од зимзелени и листопадни растенија. Всушност тоа што го гледаме во природата се трудиме да го пресликаме и во дворот, иако некои од нив треба да бидат посебно стилизирани во зависност од тоа дали е деловен објект, дали тоа го бара самата архитектура. И секако во зависност од желбата на клиентот и од амбиентот на самото место“, вели сопственикот на ФОЈА.
Тајната на убаво уредени градини е во правилното одржување
Инаку, како што вели нашиот соговорник -тајната на убаво уредените градини е во правилното одржување. Правилниот избор на растенија, посветеноста и навременото одржување е рецепт за градина со полн сјај, која плени воздишки.
Кога се отвораат нови канцеларии, јавни објекти, па и некои станбени единици, вообичаено се уредуваат и хортикултурно, но се потфрла подоцна, бидејќи нема соодветно лице кое ќе ги одржува. „Имајќи го предвид тој аспект, советуваме поиздржливи лиснати растенија соодветни за просторот, “ додава Самарџиев.
Последниве години тренд е изработка на кровни грaдини.
Колку се имплементира кај нас?
Трендот е присутен. Точно, но конвенционалните кровови далеку водат наспроти зелените. Причини има повеќе, најглавни засега се цената и достапноста, донекаде оправдано. Но гледајќи како трајно изчезнуваат зелените површини во нашите градови, како загадувањето, затоплувањето и нехуманото домување рапидно растат, неопходна е брза законска регулатива која ќе биде задолжителна минимална компензативна мерка во таа насока.
Искрено се гордеам со сите оние кои адаптирано или алтернативно одгледуваат зеленило во жардиниери или пак во големи саксии на терасите и крововите!
ФОЈА разви иновативно решение за индустриско производство на т.н. модули на кровни градини. Производот е наречен Семпервел, и со него се крати времето за изведба и се намалуваат трошоците за реализација на екстензивните кровни градини. Станува збор за квалитетно, трајно и одржливо решение кои ги прави кровните градини многу подостапни за сите. Може да се изведува на куќи, згради, компаниски објекти и други рамни кровни површини.
Кои се придобивките од кровните градини?
Истражувачите проценуваат дека кровна градина со површина од 100м2 може да отстрани околу 40 килограми PM честички од воздухот за една година, а исто така да произведува кислород и да го отстрани јаглерод диоксидот (CO2) од атмосферата. Четириесет килограми PM се приближно колку што 15 патнички возила ќе испуштат за една година типично возење. Покрај тоа, некои растенија што се користат, при подигање на кровни градини , како што се Sedum album и Sedum spurium, се метални хиперакумулатори, со невообичаено високо ниво на внес и складирање на елементарни метали.
Подобрување на квалитетот на воздухот
Бенефитите на зелените кровови, се подржани и со истражување направено од Американската агенција за заштита на животната средина. Која покажува: Вкупната покриеност со кровни градини во Канзас, која изнесува повеќе од 2 ha, резултира со избегнати дури:
17,5 кг- Азотен оксид (намалувањето на соединенијата на азот-оксид со зелен покрив се пресметува дека вреди 0-30 денари по квадратен метар со кровна градина).
33,5 кг – Сулфур диоксид
27 тони – јаглероден диоксид.
Намалување на загревањето
Кровните градини го намалуваат загревањето. Крововите на кои има поставено кровни градини се со 1-4° степени пониска температура, наспроти конвенционалните кровови. Исто така можат да ја намалат температурата во околината и до 5°.
Растенијата на зелените покриви го користат дождот веднаш. Во лето, градините на кровот можат да задржат до 80% од врнежите. А во зима до 40 % од дождовите. По искористувањето, водата се враќа во атмосферата преку транспирација и испарување.
Истражување во Флорида, покажало дека просечната максимална температура на површината на зелените кровови, не поминува повеќе од 30°C, додека пак кај конвенционалните градини, може да достигне и повеќе од 59 °C.
Ја намалуваат потрошувачката на енергија во зградите за 0,7% во споредба со конвенционалните покриви, намалувајќи ја максималната потрошувачка на електрична енергија и доведувајќи до годишна заштеда од 0,23 долари по квадратен метар од површината на покривот. Градските власти во Чикаго проценуваат дека нивиот проект за зелен покрив во Градското собрание може да обезбеди заштеда на ладење од приближно 9.270 kWh годишно . Ова значи годишна заштеда на енергија на ниво на зграда од околу 180000 денари годишно.
Заштеда!
Изолацијата на зградите на кои се поставени кровни градини, опстојува скоро двојно подолго време, отколку кај конвенционалните згради, чиишто кровови, бараат почеста замена или репарација.
Еден модел, покажува дека просечно животниот век на конвенционални кровови е 18 години, додека кај добро поставени кровни градини, може да биде и до 30 години. Што е скоро двојно повеќе.