3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли македонското стопанство да се справи без нова државна помош?!

Може ли македонското стопанство да се справи без нова државна помош?!

Бизнисот очекува дека во периодот што следи Владата да излезе со нов пакет мерки со кој ќе му се помогне во подобрување на ликвидноста. Преработувачкиот сектор се бори со инфлаторните бранови кои иако се намалени се уште знаат да направат турбуленции во крајната цена на производите кои купуваат граѓаните. Стопанствениците бараат и промена на правила, закони и регулативи, а не само финансиска помош. Засега на Илинденска број два нема конкретен план за нова поддршка на приватниот сектор, но доколку надлежните утврдат дека е потребна нова државна помош, тогаш тие ќе излезат со нов пакет на мерки.

По новиот бран на раст на цените на дел од прехранбените производи бизнисот бара начин како да се стабилизира состојбата. Додека се префрла топката кој е виновен за намалената куповна моќ на граѓаните властите се приморани да размислуваат за нов пакет на мерки. Производителите на храна го вперуваат прстот кај трговците а полека тој факт го забележуваат и надлежните па најавуваат дека во брзо време ќе ги објават несовесните бизнисмени кои се обидуваат да го зголемат профитот на грбот на граѓаните кои се мачат да го прехранат семејството. Од Стопанската комора инсистираат да добијат државна помош, особено во делот на месна индустрија се со цел да нема нов ценовен шок за граѓаните. 

„Надлежните институции не само што не го прифатија нашето главно барање за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка, туку добиваме и нерамноправен третман во сопствената држава од домашните институции во корист на увозните и увозниците, а на штета на домашните компании и домашното стопанство. Домашната месна индустрија се обидува да функционира во сопствената држава, да придонесува во буџетот на државата, да вработува и зголемува плати на вработените и инвестира во развојот на сопствената држава, но потребно е да се  изедначат условите на стопанисување и контролирање, за да може во рамноправен натпревар да се бориме со сите конкуренти. Затоа бараме: Итно донесување ново продолжување на мерката или трајно законско решение за намалување на царината за замрзнато свинско месо наменето за преработка. Итно обезбедување еднакви услови на контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот, без разлика дали се домашни или увозни“, велат од Стопанската комора.

Од Сојузот на Стопански Комори велат дека ликвидноста на компаниите е на многу ниско ниво. Теренот за водење на бизнис е проблематичен затоа што според нив владата не води политика на партнерство со нив, туку со наметнување на нови даноци и други законски решенија кои се на штета на нивното функционирање само ги води кон пропаст. Како граѓаните така и бизнисот е револтиран од енормото зголемување на платите на функционерите кои немаат слух за нивно намалување. За бизнисот велат дека е тешко да се најдат средства, но потешко е да се откажат од сега нивните нови бенефиции како именувани и избрани функционери.

„Приватниот сектор кај нас постојано се наоѓа во некоја подредена позиција, иако тој е оној што обезбедува средства за да фунционираат државните институции и администрацијата. И кога ќе го земете предвид целиот контекст на работите, очекувано беше зголемувањето на платите на функционерите да предизвика огромно незадоволство. Ние лично сметаме дека сите треба да имаат поголеми приходи зашто трошоците за живот се значајно зголемени, но мора да сме свесни дека тоа не може да се прави со администаривни одлуки, туку треба да фунционира според економската логика.“ велат од ССК

Од владата соопштија дека засега не се подготвуваат нови мерки за поддршка на стопанството. Истото важи и за граѓаните. Нивното образложение е дека инфлацијата се намалува, а стопанството полека застанува на нозе по неколку годишната континуирана криза. Доколку има потреба од Владата најавија дека ќе интервенираат со нов пакет на мерки за кои имаат обезбедено средства за буџетот за оваа година.

„Само како резултат на довербата на бизнис заедницата кон мерките содржани во законот и објективниот, транспарентен начин на нивно спроведување во изминатите пет години во нашата економија е реализиран вкупен инвестициски циклус од 340 милиони евра, а за кој е исплатена вкупна финансиска поддршка од 57 милиони евра. Имаме инвестициски бран во реалниот сектор на нашата економија кој расте, се зголемува, кој ја развива конкурентноста преку воведување на нови производствени процеси, усвојување на нови технологии и освојување на нови пазари, создавајќи нови и добро платени работни места за нашите граѓани. Само во ново одобрените 294 договори за финансиска поддршка на компаниите кои годинава аплицираа содржани се проекции за отворање на нови 4.439 работни места и реализација на дополнителни 366 милиони евра инвестиции до крајот на планираните инвестициски циклуси.“велат од Владата.

Според информациите за годинава во државната каса се резервирани околу 250 милиони евра за нови мерки. Во последниве неколку години од владата велат дека за помош на бизнисот и на домаќинствата биле поделени околу две милијарди евра за најразлични програми и мерки за полесно надминување на кризните периоди.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП