18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнис фронт против данок за солидарност!

Бизнис фронт против данок за солидарност!

Првите луѓе на најголемите македонски компании со здружени сили ќе се борат против новите давачки кои ги подготвува државата. На документ тие го ставија својот потпис со кој сакаат да кажат не за предлог Законот за данок на солидарност.

Предлог законското решение е заглавено во собранието. Опозицијата најавува дека пред да биде ставен во матичната комисија за финансисрање и буџет со која претседава Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат јавна расправа. Власта пак смета дека оваа давачка е еднократна и не треба да им претставува проблем да ја платат компаниите кои добро се офајдија во енергетската криза.

Бизнис заедницата бара предлог Законот за данок на солидарност веднаш да биде повлечен со образложение дека тоа создава несигурност кај инвеститорите, и дополнително ја нарушува правната сигурност која според стопанствениците е еден од врвните приоритети за кои велат дека тие се залагаат како услов за подобрување на бизнис климата. Бизнисмените сметаат дека и со овој предлог закон се злоупотребува европското знаменце само да се протурка решение кое е на штета на функционирањето на приватниот сектор.

„Селективен пристап затоа што се опфатени само поголемите компании кои остваруваат приход поголем од 615.000.000 денари. Се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали истата е резултат на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл. Дестимулирање на успешните компании, кои се инвестициски ориентирани, односно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години. Ефектот кој се очекува од примената на истиот во смисла на обезбедување на дополнителни средства во државниот буџетот, може да изостане за делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош, од причина што ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош, и по тој основ нема да се зголемат приходите во буџетот. Ваков данок, кој се носи ад хок, во втората половина на деловната година создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори“, велат од Стопанската комора.

Од опозициската партија ВМРО -ДПМНЕ сметаат дека не е решение да се измислуваат нови давачки кои ќе паднат на товар на стопанството во време кога секоја компанија се бори за подобрување на ликвидноста. Доколку се подобри состојбата со сивата економија и неплаќачите на даноци се стават во ред тогаш ќе се добие подобар ефект од овој со кој очекува власта да ја полни државната каса, која пак според нив не е во добра кондиција.

„Ние сметаме дека ова е избрзано решение кое што не е конструирано и дизајнирано како што треба за да ги даде максималните ефкти. Тоа е решение кое што само ќе го оштети кој што и те како е во една кревка состојба заради се она што се случува изминатите шест години и сметаме дека ваквите решенија треба да се прават многу посуштински и подетално во комуникација и со академската заедница, но и со оние кои што треба да го платат данокот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот пак на владата е дека со законот за данок на солидарност ќе се оданочат компаниите кои оствариле екстра профит за време на енергетската криза. И тоа според нив е фер кон општеството. Според нив примерот го земале од неколку држави кои донесоа слични законски законски решенија како што се Хрватска, Бугарија, Грција, Италија, Шпанија и Германија.

„Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар. Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата “, велат од Владата.

Пресметките на владата се дека од овој данок ќе собере 90 милиони евра од околу 200 компании кои оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП