Ако досега им беше лесно на младите од Македонија да ја напуштат својата татковина и да заминат на печалба во Германија, отсега ќе им биде уште полесно.
Бундестагот неодамна го усвои Законот за работни визи со кој значително се олеснува влезот на работна сила во Германија.
Во моментов, како што објавија германските медиуми, се бараат 400.000 работници од Балканот, вклучително и од Македонија, а на овој начин се очекува Германија да се справи со недостигот од квалификувана работна сила.
-Има неколку главни успорувачи на растот на германската економија, а еден од нив е недостигот на квалификувани работници. Проценивме дека неопходни ни се имигранти, а бројката достигнува дури 400.000. Но, мора да се намалат бирократските процедури, бидејќи недозволиво е да треба да пополнувате 17 различни апликации за да доведете нов работник во земјава – изјави Ненси Фејзер, министер за внатрешни работи во Германија.
За тоа како оваа промена ќе се одрази врз веќе преселените нашинци во Германија, разговаравме со скопјанецот Игор Поповски, кој неколку години работи во фабрика за производство на автомобилски делови во близина на Берлин.
-Ние, кои веќе сме тука, нема да почувствуваме некакви промени, ама значително олеснување ќе има за нашинците кои допрва се подготвуваат да работат во Германија. Оти, многу документи се во прашање, не се само неколку листови и два-три потписи. Досега не беше многу едноставно, ама отсега верувам дека работите побрзо ќе течат – вели Поповски.
Инаку, новиот Закон се базира на системот на поени со кој ќе им се овозможи на странците да побараат работа ако имаат најмалку 6 поени од бараните критериуми.
А меѓу критериумите, секако, се наоѓа познавањето на германскиот јазик и универзитетската диплома или стручност.
На оние со завршени факултети или магистри, според законот, ќе им се дозволи покрај брачниот партнер да ги донесат и најблиските роднини – сѐ додека можат самите да ги издржуваат.
Според домашните експерти, пак, ваквиот германски закон претставува вистинска закана за Македонија, бидејќи очекувано би било голем дел од работниците кои сѐ уште се останати тука, да ги спакуваат куферите и да заминат на печалба.
Веќе си имаме проблем со недостигот на кадарот, а сега проблемот ќе стане уште поголем. Тоа значи дека во земјава ќе останат само повозрасните работници и оние кои не ги исполнуваат условите што ги предвидува германскиот закон, односно оние кои не знаат да изговорат ниту буква на германски јазик. Германија, со овој потег, планира да си ја спаси сопствената економија, но на грбот на нашата – коментираат експертите.
Б.З.М.