4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДЗР: Недоволна ефикасност на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза

ДЗР: Недоволна ефикасност на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза

Во 2022 година, во Република Северна Македонија, произведени се 5.634 GWh електрична енергија од домашни производители, 1.471 GWh e нето увоз, а вкупните загуби на електрична енергија во eлектропреносниот систем се 972 GWh. Вкупно потрошената електрична во 2022 година изнесува 7.105 GWh, од кои 20% се обезбедени со набавка.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема: „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза‘‘, со клучно прашање: „Дали преземените мерки и активности од надлежните институции во секторот енергетика овозможуваат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија на долг рок?‘‘.

Ревизијата на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2022 година. 

Државата располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производството на електричнатаенергија. Тоа ја прави државата увозно зависна и под директно влијание на цените на енергенсите на  отворениот пазар, што посебно неповолно се одразило во време на енергетската криза. Во периодот 2019 – 2022 година склучени се договори за набавка на јаглен, мазут и природен гас во вкупен износ од над 588 милиони евра. Од нив најголем дел или 68% отпаѓа на набавката на мазут.

Република Северна Македонија располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта сѐ уште не се експлоатираат.  Преостанатите експлоатациони количини на јаглен во рудниците изнесуваат  69.780  илјади тони, а според стручните служби неговиот квалитетот е со ниска калорична вредност (околу 3 пати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот) и потребно е дополнителна набавка на калоричен јаглен со цел да се направи негово хомогенизирање. 

Производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен и мазут (РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино), се постари од 40 години, што придонесува да се јавуваат чести дефекти и предизвикува помало производство на електрична енергија. Од спроведената анализа, ревизорите констатирале дека, во 2022 година, Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена т.е. во погон функционирал само 1 час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетска криза во најголем дел работел со еден котел. 

Пресметано е дека поради застојот на Блок 3, за околу 1.621 илјади MWh е произведено помало количество електрична енергија, кои во моментите кога државата се справува со енергетска криза се од големо значење. Ревизорите истакнуваат дека наведените состојби го доведува во прашање сигурното, безбедното и ефикасното работење на централите, како и континуирана испорака на електрична енергија до корисниците.

Подолг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постоечките капацитети или изградба на нови капацитети кои користат енергенси што не ја загрозуваат животната средина, кои треба да обезбедат поголемо производство на електрична енергија, енергетска стабилност и одржливост на долг рок. Иако се разгледувани можностите за зголемување на производството на електрична енергија од гас преку изградба на гасни електрани, реализацијата на овие проекти е неизвесна. 

Република Северна Македонија има преземено меѓународни обврски за обезбедување на „зелена енергија‘‘ и зголемување на учеството на обновливите извори на енергегија во вкупно произведена електрична енергија. Ревизорите истакнуваат дека овие процеси се одвиваат без прецизни плански активности со постоење на голем број административни пречки и забавено темпо. 

Ревизорите утврдиле дека производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30% во вкупното производство на електрична енергија, а за истакнување е дека во периодот на појавата на енергетска криза заинтересираноста за изградба на Фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ) бележи значителен тренд на зголемување. Во извештајот е потенцирано деканедостасуваат точни и детални информации за начинот и постапката за изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и приклучување во дистрибутивната и преносната мрежа, информации за можната финансиска и временска рамка на инвестициите поради што оваа постапката е сложена, бавна и во државата не се врши ефикасно. 

Утврдени се слабости во начинот на уредување на мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија со кои мерки се предизвикало нарушување на начелото на конкурентност при доделување на премии на пазарот на електрична енергија.

Во извештајот е истакнато дека со регулативите е дадена можност производителите кои користат повластени тарифи да ги раскинат договорите. Поради тоа, за време на енергетска криза, кога цената на електричната енергија на отворен пазар значително порасна, дел од производителите ја искористиле таа можност и ги раскинале договорите, иако во минатиот период им била дадена државна поддршка во износ од 2.751.025 илјади денари (околу 45 милиони евра), што неповолно се одразило во време на енергетската криза. 

Во ревизорскиот извештај е наведено дека имплементацијата на националната политика за енергетска ефикасност, не се врши со активна вклученост на општините. Мал е бројот на општини кои имаат донесено Програми за енергетска ефикасност, што влијае на ненавремено планирање и преземање на мерки и активности за подобрување на енергетска ефикасност и заштеда на електрична енергија. 

Од 80 општини и Градот Скопје, во периодот од 2019 до 2022 година бројот на општини кои имаат донесено  програма за енергетска ефикасност и за која е добиено позитивно мислење од Агенција за енергетика се движи од 23% во 2020 година до 17% во 2021 година. Ревизорите констатираат дека општините се соочуваат и со проблеми за обезбедувањето на финансиски средства, административни и човечки ресурси како и со проблеми поврзани со постапките за изградба на ФЕЦ.

Во државата иако со регулативите е предвидено, не е воспоставена платформа за следење на спроведените мерки за енергетска ефикасност како и остварените заштеди на енергија и не формиран Фонд за енергетска ефикасност. 

За надминување на состојбата со енергетската криза Владата дала задолженија за штедење на електрична енергија за 15%, споредено со истиот период претходната година (2021/2022 година). Ревизорите утврдиле дека на вкупно ниво биле постигнати заштеди, но поради недоволни воспоставениконтролни мерки, поединечно, голем број институции и државни органи не ги испочитувале мерките и не направиле заштеди на електрична енергија.

Во 2021 и 2022 година Владата доделила државна поддршка,финансиски средства во износ од 17.197.808 илјади денари на најголемиот производител на електрична енергија во земјатакои се потрошени за набавка на ресурси, набавка на електрична енергија на отворен пазар и други трошоци за одржување на тековната ликвидност на друштвото за справување со енергетската криза. Со ревизијата е утврдено дека 10% од доделената државна поддршка се исплатени за подмирување на расходи од редовно работење на друштвото, кои не биле планирани во донесените одлуки на Владата.

Структура на потрошените средства од 

доделена државна поддршка 

Со појавата на енергетската криза, поради високата цена на електрична енергија, а со цел да ја искористат поволноста дадена на малите потрошувачи и да направат заштеди, голем број на правни лица и општини кои согласно законот треба да вршат набавка на електрична енергија на отворен пазар, основале нови правни субјекти/користеле постојни и се приклучиле на дистрибутивната мрежа на Универзалниот снабдувач со нови броила како „мали потрошувачи “. Со ревизијата е утврдено дека над 3.100 броила биле регистрирани на нови правни субјекти, кои ја  користеле повластена субвенционирана цена на електрична енергија, која се наплаќа од  домаќинствата и малите потрошувачи.

Врз основа на горенаведените состојби ревизорите заклучуваат дека активностите кои се преземаат од надлежните институции во секторот енергетика не се доволно ефикасни за да обезбедат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија во Република Северна Македонија на долг рок.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП