Младите не си заминуваат од земјава само затоа што овде се ниски платите, туку и поради лошите услови за живот, неквалитетното образование, здравство, инфраструктура…
Ваков заклучок донесоа учесниците на Годишната конференција „Предизвикот на компаниите во Македонија во обезбедувањето работна сила во период на глобализација и дигитализација“, кои заеднички се согласија со барањата на работодавачите дека е потребно намалување на придонесите за минимална плата со цел таа да биде уште повисока и да го поттикне растот на платите.
Првиот човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќука, рече дека работодавачите се соочуваат со многу проблеми, но еден од главните проблеми е иселувањето на работната сила.
-Сите сме криви за овој проблем. Придонесите што ги плаќаат работодавците се на многу високо ниво и имаме предлог до Владата за нивно намалување. Придонесите во моментов изнесуваат 47,5 проценти, а ние бараме да бидат 32 проценти за да се зголеми минималната плата – изјави Ќука.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, рече дека целата ЕУ го има истиот проблем.
-Колку и да се зголемат платите во Македонија, тие нема да бидат конкурентни на некои развиени економии. Но, во природата на човекот е да бара подобри услови за себе и за своето семејство. Во моментов ни недостигаат околу 10.000 работници, а работа бараат околу 115.000 невработени. Но, овие невработени не се оспособени за професиите што ги бара пазарот на трудот – изјави Битиќи.
На конференцијата збор зеде и директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, кој истакна дека за годинава се веќе обезбедени рекордни 2 милијарди денари за активни мерки со цел намалување на невработеноста.
Со овие мерки, објасни тој, земјава бележи годишен опфат на 15.000 луѓе, а тоа е 10 проценти од невработените кои се пријавени во Агенцијата за вработување.
Претседателката на МАСИТ, Анита Пешева, пак рече дека во моментов постојат два проблема кои треба да се решаваат: како да се задржат младите во земјава и како да се врати назад работната сила која веќе е замината во странство.
-Главниот проблем е тоа што се вработуваат луѓе со врски и со политички определби, а тоа создава нервоза кај младите. Тоа што треба да се направи е универзитетите да бидат главниот акцелератор за вработување на студентите и да се изнајде модел за скалесто плаќање на придонесите. Романија и Бугарија направија бум со тоа што ИТ индустријата ја ослободија од плаќање даноци, па младите луѓе автоматски се вратија во своите земји – истакна Пешева.
Денар на оваа тема разговараше и со економисти кои предупредуваат дека намалувањето на придонесите ќе биде на штета на работниците.
-А размислува ли некој за пензиите на овие работници? Размислува ли некој за нивната здравствена заштита и за развојот на образованието? На овој начин ќе се намалат парите во фондовите, а еден ден луѓето ќе останат без пензии. Оти, нормално, нема да има пари за пензии. Владата и компаниите треба добро да размислат пред да донесат одлука, оти може скапо да нѐ чини секој од нас – вели економист кој сакаше да остане анонимен.
Инаку, годишно ни недостигаат околу 10.000 работници, најмногу во секторите туризам и градежништво.
Годишната квота моментално изнесува 5.000 странски работници, а до крајот на март изнесуваше 3.000 странски граѓани кои добиле дозвола да работат во Македонија, меѓу кои и работници од Непал и Пакистан.
Б.М.