Од пропадната даночна реформа па се до воведување на нов еднократен данок за солидарност. Македонската даночна политика е една од најнепредвидливите не само во регионот туку и пошироко. Бизнисот е со реакции и негодувања за ваквото однесување на креаторите на политиките, опозицијата обвинува за нестручност, а пак власта се правда дека работи во интерес на граѓаните и стопанството. Планот е околу 200 компании од сите сектори да платат екстра данок на државата доколку заработиле повеќе од просекот од претходните неколку години.
Бизнисмените од Стопанските комори со здружени сили се против намерата на властие да добијат нов данок од државата. Најголемиот проблем стопанствениците го гледаат во тоа што не се прават никакви поделби на сектори, или на кој начин е постигната поголемата добивка на компанијата, туку се гледа само остварениот профит на компанијата. Од Стопанската комора велат дека Владата не ги послушала нивните барања, односно по пропаднатата даночна реформа каде акцентот беше ставен на прогресивниот данок, да не се воведуваат нови давачки за компаниите, а со тоа и за граѓаните.
„Компаниите кои што работат ги прават своите планови за следната година во тој период и тие мора да ја имаат пред себе предвидливоста како основен аспект на таа работа. Со предлогот на овој закон се дојде многу доцна и мислиме дека тоа ќе биде дополнителен трошок за компаниите, кој не е евидентиран на време и не е ставен во нивните биласни за следната година. Ние сме свесни за состојбата во која што се наоѓаме и сакаме да помогнеме. Меѓутоа мислиме дека може да се искористат нашите предлози. Владата се одлучи да оди со тој концепт и тој е усвоен на владина седница, сега се очекува во Парламентот“, велат од Стопанската комора.
Од Сојузот на стопански комори пак за Денар велат дека воведувањето на нов данок кој што не е планиран во економијата и бизнисот значи намалување на приходите, намалување на идниот раст и развој. Од таму додаваат дека, во услови на нарушени економски текови многу е тешко една компанија да планира колкави загуби ќе има во текот на една година. Тие проблемот го гледаат во тоа што овој данок или такса како што го нарекуваат ќе се наплати од ланските средства, а ќе биде трошок во следната година. Добар дел од државите воведуваат слични давачки како оваа која се наметнува во Македонија но во ниту еден случај не е вака агресивна, се жалат од ССК.
„Со воведувањето на најавениот данок за солидарност ќе бидат погодени најмногу оние бизносмени кои во време на криза се решија да инвестираат. Менаџерите вообичаено прават финансиски планови, предвидуваат раст и развој на компаниите и не очекуваат вакви невообичаени активности. Во овој случај компаниите ќе бидат многу погодени, поготово сметководствениот сектор за да докаже колку треба и како треба да се плати тоа. И зошто е направено да платат најмногу оние кои инвестирале најмногу“, велат од ССК.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека тие сметаат дека ова е избрзано решение коешто не е конструирано и дизајнирано како што треба за да ги даде максималните ефекти. Опозиционерите се на став дека тоа е решение кое што само ќе го оштети стопанството кое што е и те како во една кревка состојба заради се она што се случува изминатите шест години и сметаат дека ваквите решенија треба да се прават многу посуштински и подетално во комуникација и со академската заедница, но и со оние кои што треба да го платат данокот. Пред да биде ставен на комисиска расправа, од ВМРО велат дека ќе инсистираат на јавна расправа со сите засегнати страни.
„Ако се направи анализа, ќе се види дека ова не е законско решение што се носи првпат, на европскиот континет за првпат е донесено во 2007 година во Ирска, но е единствен случај во светот овој кај нас – да се воведува Закон за солидарност што ги опфаќа сите гранки на стопанството, а не оние што најмногу имаат профитирано. Конкретно, ако се направи споредба со законот во Хрватска, од каде што нашиот закон е пресликан, но додадени се плус работи, таму се фокусира исклучиво на енергетскиот сектор поради енергетската криза, бидејќи навистина тие компании имаа повисок профит“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Информациите до кои стаса Денар се дека веќе има листа од 180 компании кои го исполнувале условот да платат данок на солидарност. Тоа се фирми кои лани заработиле над 10 милиони евра и го надминуваат просекот од претходните четири години да платат екстра данок на државата, а парите да бидат искористени за понатамошно надминување на енергетската криза. Планот на државата е 80 милиони евра да се обезбедат со овој данок, и тоа да важи само еднаш, односно оваа глоба е најавена како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.
И.П