26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГи пишуваат ли граѓаните последните ливчиња во обложувалниците или пратениците ќе се...

Ги пишуваат ли граѓаните последните ливчиња во обложувалниците или пратениците ќе се откажат од предлог законот?!

Ситуацијата за вработените од спортските обложувалници станува се по драматична. Предлог Законот кој веќе две недели е во собраниска процедура и предвидува благо речено згаснување на оваа дејност тангира повеќе од 10 ијлади граѓани. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници бараат властите да се вразумат и да ги повлечат предлог законските измени, пратениците да не го гласаат законот, туку на заедничка маса да се најде решение кое ќе одговара на сите засегнати страни. 

Владата пред еден месец ги прифати измените на Законот за игри на среќа кои пак се на предлог на Министерството за финансии, без притоа да остварат еден состанок со организаторите на игрите на среќа иако тие во неколку наврати постојано се обраќале до надлежните институции и повикуваа на дијалог. Според информациите во повеќе наврати преку отворени писма до Владата и Собранието, јавни повици преку медиумите, тие се обидувале да воспостават комуникација, но повратни информации кои ги добиле се повеќе од минорни.

„Успеавме на наше барање, заедно со Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) да остваривме средба со Потпретседателот на Собранието на РСМ, Горан Мисовски и Координаторот на Коалицијата „МОЖЕМЕ“, предводена од политичката партија СДСМ, Јован Митрески. Заедно со АПИС исто така остваривме средба со координаторите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. За време на средбите ја искористивме можноста да ја изразиме нашата загриженост за тоа што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено на овие законски измени да им се стави европско знаменце, особено што во нив има серија одредби кои не се во согласност со Уставот“, велат од Асоцијација на спортски обложувалници на Македонија.

Од оваа дејност апелираат дека доколку овие законски измени не се повлечат и не се организира една широка јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни и не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидат принудени да излезат на масовни протести. Тие со предупредувачки собир пред законодавниот дом пред десетина дена упатија апел до пратениците, законот не смее да помине.

„Минатата недела кога законот беше ставен на собраниска седница со дел од нашите вработени излеговме пред Собранието да испратиме апел до пратениците да го отфрлат деструктивниот предлог закон кој ќе донесе сериозни штетни последици за нашата земја. Тој наш собир беше симбол дека нема мирно да стоиме и да дозволиме да се донесе катастрофалното законско решение кое ќе остави 10 000 граѓани на улица и ќе ја отвори вратата на сивата економија и криминалот“, велат од АСОМ.

Од обложувалниците велат дека го поздравуваат ставот на опозицијата дека европското знаменце во овој случај се злоупотребува бидејќи воопшто не се врши хармонизација на македонското со законодавството на ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ дури побара и повлекување на предложените измени на Законот за игрите на среќа. Од ЛДП пак истакнаа дека треба детално да се разгледува новиот предлог Закон за игри на среќа. Од оваа партија велат дека европското знаменце на овие законски измени и заобиколувањето на јавната расправа е непотребно.

Во повеќе наврати од овој бизнис апелираат дека предлог законот целосно го отфрлаат и го сметаат за неевропски, неуставен и монополски.

„За нас апсолутно неприфатливи се предлог измените кои предвидуваат дислокација на нашите објекти, забрана за приредување игри на среќа на Интернет, зголемување на давачките и надоместоците, како и измените на Законот кои задираат во веќе постоечките лиценци, бидејќи истите значат колапс за нашата индустрија. Оддалечување на објектите за игри на среќа кои се претставуваат како наводна „заштита, унапредување или регулација“ на индустријата, имаат цел да затворат една цела легална гранка. Ваквите решенија се спротивни на сите меѓународни и ЕУ стандарди. Актуелниот закон има строга регулација во однос на заштита на малолетни лица, која може да се унапреди преку дополнителни ефикасни методи на превенција, едукација и засилена контрола“, велат од АСОМ

Според Асоцијацијата, новото законско решение не им дозволува на постојните лиценцирани приредувачи на игри на среќа да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет, со што официјално се монополизира приредувањето игри на среќа преку интернет, а ексклузивното право на тоа ѝ припаѓа на државата. Игрите на среќа на интернет се истите игри на среќа што веќе се приредуваат во лиценцираните објекти непосредно на терен, а интернетот како медиум никој нема право да го монополизира. Дополнително, пазарот мора да се либерализира и да овозможи приредување посебни игри на среќа преку интернет, со соодветни процедури, како што е пракса во светот.

„Одбиваме да прифатиме и промени и решенија, каде што посебните давачки и надоместоци се зголемуваат енормно и несразмерно, а со тоа и директно се рефлектираат на економската одржливост на нашиот бизнис. Со новите законски измени се зголемува надоместокот за издавање лиценца за обложувалница на 200.000 евра, а за секое следно уплатно-исплатно место приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра. Измените предвидуваат и воведување на  “минимален праг” од 1.500 евра по уплатно-исплатно место на месечно ниво, како дополнително парично оптеретување на месечната давачка, која изнесува 23%. Ова е далеку над годишниот просек кој го плаќаат обложувалниците на годишно ниво по основ на 23% на име на „посебна давачка“. Со тоа работењето на обложувалниците ќе биде комплетно нерентабилно“, велат од АСОМ

Организаторите на игри на среќа од земјава велат дека цврсто се убедени дека зголемувањето на давачките не е направено врз база на реални финансиски анализи и, според нив, тоа ги преминува сите граници и се врши со задни намери, кои повторно водат до згаснување на оваа индустрија. Проблематични се и предлог измените во законот, кои задираат во веќе постојни лиценци. Врз база на овие лиценци приредувачите на игри на среќа ги изработуваат пресметките и финансиски планови. Потенцираат  дека лиценците имаат точен рок на траење и каков било упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса.

Од ваквите измени на постојните правила последиците ќе бидат едноставно кажано непоправливи. Деструктивните измени на законот, како што ги нарекуваат значат затворање на индустријата и враќање во деведесеттите години на минатиот век кога дивите игри на среќа организирани во подруми и нелегални објекти ќе бидат секојдневие. Ова ќе значи оставање на улица на 10 000 луѓе кои чесно заработуваат и придонесуваат за општеството. Новите предлог измени ќе предизвикаат енормни економски штети за целата држава, со тоа што ќе ја загрозат и работата на 54 000 граѓани кои соработуваат со нашата индустрија. Со згаснување на оваа индустрија сериозна штета ќе претрпи и државната каса, што значи 280 милиони евра годишно помалку пари во буџетот.

„Средина за нас не постои, бараме законски измени по европски стандарди, скроени преку дебата, измени кои ќе значат квалитетно законско решение, а предложените во моментов се апсолутно неприфатливи. Нашата порака е јасна, доколку целта на носење на нов Закон за игри на среќа навистина е заштита на младите треба да се работи на едукација, ние сме целосно подготвени да помогнеме преку финансирање и реализација на проекти и програми за едукација на млади. Дополнително доколку сакаме да ги заштитиме младите од обложување предлагаме да се зголемат казните за затекнато малолетно лице на уплатно-исплатните места на приредувачите и да се предвидат казни за родители или старатели на малолетниците кои се затекнати на уплатните места. Не отстапуваме од барањето за јавна дебата и не ја разбираме потребата на институциите да се кријат доколку навистина имаат аргументи зошто треба законските измени да се донесат“, велат од АСОМ.

Ова се предложените законски измени за кои не се согласуваат од Асоцијацијата: Деловните простории во кои се приредуваат посебните игри на среќа, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа треба да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии.

Се воведува надзорен информациски систем за приредувачот на електронските игри на среќа. Се зголемува месечниот надоместок за електронските игри на среќа. Електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во сопствени простории и во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа. Се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните игри на среќа (казина, обложувалници и автомат-клубови);

Се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.000 евра на 200.000 евра, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца. За секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќe плаќа надоместок во износ од 6.000 евра.

Се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат-клуб од 78.750 евра на 100.000 евра. Лиценцата за приредување игри на среќа во автомат-клуб се однесува за три деловни простории.

Од здружението посочуваат дека целосно го почитуваат моменталниот закон кој го регулира и присуството на малолетници на уплатните места, во кој е строго пропишана забрана за пристап и учество на малолетниците во игрите на среќа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП