3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаков сигнал испраќа ФЕД со последното зголемување на референтните каматни стапки во...

Каков сигнал испраќа ФЕД со последното зголемување на референтните каматни стапки во САД

Сите погледи на банкарскиот свет во средата беа насочени кон Федералните резерви на САД (ФЕД), кои одлучија за понатамошниот тек на монетарната политика. На прв поглед, вестите што пристигнаа, дека ФЕД одлучи да продолжи со зголемување на референтните каматни стапки, иако тоа не им се допаѓа на должниците, сепак делува охрабрувачки. Пред објавувањето на одлуката на ФЕД, одредени економисти изјавија дека тоа е пресвртница и дека нивната одлука ќе открие колку е длабока банкарската криза што ја погоди Америка по неуспехот на Банката на Силиконската долина(СВБ).

На состанокот на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) беше усвоена одлуката за зголемување на каматните стапки за 25 базични поени. Референтната каматна стапка сега е од 4,75 до 5 отсто, што е највисоко ниво на кое се трошоците за задолжување од 2007 година. Светските медиуми последниот состанок на ФЕД го најавија како можеби најважен во досегашната кариера на Џером Пауел и истакнаа дека од ФЕД ќе зависи што ќе се случи понатаму.

Нагласувајќи ја својата борба против инфлацијата, Федералните резерви ги зголемија каматните стапки и покрај банкарските превирања. Прогнозите на економистите на Голдман Сакс, кои на почетокот на неделата изјавија дека очекуваат ФЕД да ги задржи непроменети стапките, не се остварија. Тие истакнаа дека агресивните зголемувања на каматните стапки во текот на изминатата година ја еродирале вредноста на обврзниците кои сочинуваат голем дел од портфолијата на банките и дека жителите на Волстрит се загрижени поради порастот на тие нереализирани загуби.

Тие во своите прогнози наведуваат дека доколку ФЕД смета дека банкарската криза поминала, ќе се охрабри да оди на зголемување за четвртина поен, а дека во спротивно, пауза во зголемувањето на референтните каматни стапки би значело дека бурата сè уште не е завршена. Пауел на прес-конференцијата откри дека се размислува за пауза во циклусот на затегнување на монетарната политика. Тој рече дека конечната стапка за оваа година во моментов е проектирана на 5,1 отсто, а негираше дека во моментов се разговара за други механизми за заострување на монетарната политика без зголемување на каматните стапки.

Одлуката што всушност беше донесена ја предвидуваа повеќето аналитичари, но и учесниците на пазарот. Тие рекоа дека со таквиот потег, ФЕД ќе „испрати порака дека се држи до својата примарна улога за постигнување стабилност на цените и целосна вработеност, и дека на банките со релативно помал вишок ликвидност им се гарантира стабилноста на нивното работење, дури и во нарушена доверба“.

Иако се зборуваше и дека ФЕД може да направи пауза во циклусот на монетарно затегнување кој започна пред точно една година, ваквата одлука, според мислењето на многу аналитичари, би можела да предизвика паника на пазарите наместо да ги смирува.

Како што пренесува Си-Ен-Ен, во оптимистичкиот табор меѓу финансиските експерти постои надеж дека кризата е завршена, што го изјави Даниел Алперт, менаџер на Вествуд Капитал. Тој изјави дека ликвидносната криза поради старомодно менаџирање на банките е згасната со регулаторна акција.

„Времето ќе покаже колку ќе успеат во гаснењето на пожарот“

Од друга страна, високиот аналитичар од Оанда, Крег Ерлам, напиша дека се надева дека најлошото е зад нас, но истакна дека не може да каже дека е особено самоуверен. Тој додаде дека брзата реакција на централните банки и регулаторите била импресивна, но дека „иако можеме да ги пофалиме за нивните вештини за гасење пожар, само времето ќе покаже дали успеале да го изгаснат пожарот“.

Минатата недела Европската централна банка, кога го исполни ветувањето од февруари и ги зголеми референтните каматни стапки, и покрај потресите на банкарскиот пазар поради кризата во која западна „Кредит Свис“, објави дека банкарскиот сектор на еврозоната е на стабилна основа и дека ЕЦБ ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата во случај да треба да обезбеди дополнителна ликвидност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП