27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаетчиите бараат 10 пати поголема државна помош, а лани искористиле само 30...

Занаетчиите бараат 10 пати поголема државна помош, а лани искористиле само 30 отсто од понуденото!

Наместо нови даноци кои ќе предизвикаат зголемување на трошоците на компаниите, микро и малите компании бараат намалување на давачките додека не се стави крај на оваа неколку годишна економска криза. Дополнително од државата бараат да им бидат намалени и давачките кон државата кои ги плаќаат во вид на паушал за нивното работење. Од министерството за економија за Денар велат дека секоја година издвојуваат средства за развој на занаетчиството, но интересиот за искористување на тие пари е недоволен. Лани не биле искористени ниту 30 отсто од предвидените пет милиони денари за поддршка на занаетчиите.

Оваа неколку годишна криза која го држи светот во заложништво, економски најмногу ги погоди микро и малите компании. Малите бизниси и занаетчиите мака мачат како да опстојат и полесно да го пребродат месецот, па за Денар велат дека од државата ќе побараат серија на мерки кои ќе им гарантираат сигурно преживување на оваа неколку годишна криза. Од Занаетчиската комора велат дека наместо државата да најде начин како да ги стимулира семејните бизниси, младите луѓе да да имаат дополнителен стимул да го продолжат занаетот кој го наследиле од своите дедовци, властите им подготвуваат нови давачки. Од бизнис здружението на занаетчиите сметаат дека парите кои државата им ги дава на малите бизниси се недоволни и тие сега бараат наместо пет милиони денари помошта од државата да изнесува 50 милиони денари, се со цел да се обезбеди стабилизација на дејностите кои се на работ на егзистенцијата.

„Наместо пет бараме 50 милиони денари помош од државата, затоа што пет милиони денари се малку. Само во Старата скопска чаршија за вршителите на занаетчиска дејност по еден фен или по еден алат да купат не стасуваат. Секторот за претприемништво при Министерството за економија треба да одвои 50 милиони денари за да бидат добро распределени низ целата република, за да можат занаетчиите да придонесат за подобрување на нивниот квалитет во работата. Затоа велиме дека 50 милиони денари се токму тие средства кои ќе може да влијаат за развој на занаетчиството во Македонија“, велат од Занаетчиската комора.

Самостојните вршители на дејности се делат во две категории, тие се паушално оданочени, претежно тоа се оние стари занаети и нивниот паушал го одредува Управата за јавни приходи. А останатите занаетчии по правило УЈП им наложува да се фискализираат и на тој начин да плаќаат данок на државата. Занаетчиите соопштија дека не се согласуваат да плаќаат дополнителни даноци, а аудираат на измените на Законот на данок на добивка, туку за Денар велат дека тие бараат сега олеснување во делот на давачките на паушално оданочените занаетчии.

„Бараме, 50 отсто од паушалот да биде намален, односно ако паушал на еден занаетчија изнесува 10 илјади денари годишно, таа сума да се преполови и тој да плаќа пет илјади денари паушал. На тој начин занаетчиите ќе бидат поликвидни, и ќе опстојат во ова тешко време. Оваа мерка бараме да важи само до крајот на кризата, а се надеваме дека таа ќе заврши до крајот на 2023 година“, велат од Занаетчиската комора.

Од Министерството за економија велат дека занаетчиството е важен сегмент на нашата економија, а тие како и Владата во континуитет го поддржуваат развојот на занаетчиството преку мерки и активности биле или се дел од политиките за развој и унапредување на занаетчитвото во државата.

„Согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентност на малите и средни претпријатија, секоја година во континуитет се врши зголемување на средствата. Така, ако се земат предвид последните пет години почнувајќи од 2018, средствата за директно субвенционирање на занаетчиите биле 2.200.000 денари додека во 2023 година се 5.000.000 денари врз основа на што можеме да заклучиме дека истите во континуитет се зголемуваат. Освен ова, треба да се има во предвид дека Програмата за развој на претприемништвото и конкурентност на малите и средни претпријатија има развоен карактер, со крајна цел подобрување на конкурентноста на занаетчиите и МСП, но исто така како фактор за зголемување на средствата за наредните години се смета и тоа колку средства во тековната година се реализирале, согласно ова во 2022 година од вкупно 5.000.000 денари беа искористени 1.426.926 денари или околу 28 проценти“, велат за Денар од Министерството за економија.

Занаетчиите од Владата побараа и да бидат ставени во посебна група на стопанственици, односно за нив да не важи пресметката на таканаречената индустриска тарифа на електричната енергија. Од малите бизниси бараат да плаќаат цена која ќе биде пониска од индустриската, но исто така да биде и повисока од онаа која ја плаќаат домаќинствата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП