4 мај, 2024
ПочетнаСВЕТКолку лошата градба е виновна за катастрофалните последици од земјотресите во Турција...

Колку лошата градба е виновна за катастрофалните последици од земјотресите во Турција и Сирија?

Нестабилноста и несоодветната градба на стари згради доведоа до големи разурнувања во земјотресот долж турско-сириската граница овој понеделник (06.02.2023). Но, земјотресот беше и неверојатно силен.

Видео снимките од градовите во близина на епицентарот на земјотресот покажуваат разорна форма на рушење што некои ја нарекуваат „pancaking“. Ова се случува кога целата зграда ќе се урне, при што секој кат паѓа еден врз друг за да изгледа како „палачинки“ на чинија. Шансите за преживување при ваков вид на уривање на згради се минимални.

Висококатниците со вакво уништување најверојатно се стари и имаат „soft story“ дизајн, вели Мехди Кашани, вонреден професор по градежна и инженерска сеизмологија на британскиот универзитет во Саутемптон.

„Soft story“-зградите имаат ходници со прозорци, широки врати и други отвори на места каде што треба да има цврст и носив ѕид за да може објектот да издржи земјотрес. Кога еден од овие коридори се наоѓа на еден од долните катови, со неговото уривање може да се урне целата структура на објектот.

Иако некои згради долж турско-сириската граница во области подложни на земјотреси се изградени за да издржат разорни земјотреси, повеќето се изградени пред да се осмисли „сеизмички дизајн“.

„Основните принципи на градба, кои ги штитат зградите од силни земјотреси, почнаа да се развиваат во 1960-тите и 70-тите години, што значи дека тие не се враќаат во длабокото минато“, забележува Кашани. „Земјотресот во Кобе (во Јапонија) во 1995 година беше клучна точка и пресвртна точка, што доведе до промена на многу работи што тогаш тргнаа наопаку. Доведе и до дополнителни истражувања. Дури кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, многу [сеизмички] кодови почнаа да се менуваат“.

Сеизмичките кодови се прописи кои регулираат како да се гради во чувствителни области, односно области во чија близина се движат тектонските плочи и се судираат. Во земјотресот што се случи овој понеделник претрпеа големи разурнувања особено зградите кои не се изградени согласно сеизмичките прописи.

Кашани рече дека постарите згради може да се реконструираат за подобро да издржат земјотреси – практика во Јапонија и Чиле, каде што земјотресите се вообичаени. „Меѓутоа, за тоа се потребни пари и политичка волја, така што тоа не се прави секаде каде што треба“, забележува Кашани.

И во Турција – исто како и во Сирија, и овој проблем не е непознат на друго место: иако сите знаат дека живеат во трусно подрачје, градежните претприемачи штедат веќе за време на изградбата за да си ги наполнат џебовите. И кога земјата навистина се тресе…

Но, уништувањето не следело само поради начинот на градба. Магнитудата на земјотресот била „непростлива“. Според Кашани, тоа бил „плиток земјотрес“. Тоа значи дека судирот на тектонските плочи се случил поблиску до површината на земјата, што го прави ударот на земјата многу посилен отколку ако судирот се случил на длабочина, кога би требало подолго време да се стигне до површината.

Тоа е како бран во океанот, објасни Кашани. „Огромен бран веднаш ќе го собори сурферот во близина од неговата даска. Но, кога овие бранови доаѓаат од далеку и патуваат преку океанот, тогаш тие слабеат и немаат големо влијание дури и на почетниците сурфери“.

Одговорот на прашањето дали земјотресот бил плиток или длабок – објаснува зошто некои земјотреси со релативно мали магнитуди предизвикуваат големи разурнувања.

Јапонија е остров во област со исклучително трусно подрачје, затоа постои традиција да се градат куќи од многу лесни материјали – дрво и хартија. Но, тамошните инженери беа принудени да создадат бетонски конструкции кои ќе издржат посилни земјотреси.

Во врска со ова, Кашани го споменува земјотресот во Бам, кој го погоди Иран во 2003 година. Иако имаше јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, што во други околности би резултирало со мал број жртви, усмрти повеќе од 25.000 луѓе – затоа што беше „плиток земјотрес“.

„Материјалите што се користат во изградбата не се најважната ставка за да се осигура дека зградата може да издржи земјотрес“, рече Кашани. Поважна е бетонската конструкција и структура. На пример, со правилен дизајн на зградата, бетонска конструкција може да обезбеди одлична основа за градба отпорна на земјотрес. Но, ако конструкцијата е неправилно структурирана, бетонската зграда може да се урне како оние станбени згради, што може да се види на снимките кои доаѓаат од Турција и Сирија.

Сегашниот „сеизмички дизајн“ им овозможува на зградите да издржат многу силни земјотреси без да се уриваат, што ги спасува не само животите на неговите станари, туку и животите на луѓето во соседството и околината. Но, таквите згради претрпуваат одредена штета, иако Кашани смета дека тоа веројатно може да се подобри во следниот период – со усовршување на прописите за градба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП