19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорупцијата мора да се искорени системски!

Корупцијата мора да се искорени системски!

Корупцијата е еден од најголемите проблеми не само на економијата во Македонија туку и на целокупното општество. Корупцијата е нотирана во секој извештај за земјава од страна на Европската комисија која бара од властите овој негативен сегмент не само да се намали туку и полека да се елиминира. Поразително за државата е што САД испрати посебен тим на истражувачи кои ќе имаат задача да ја сузбијат корупцијата која е длабоко навлезена помеѓу високите функционери. Денар побара одговори, како бизнисот ја гледа државата како поле за инвестиции кое е преплавено со корупција.

На секој бизнис му е потребна стабилност и предвидливост. Но и институции кои професионално ќе си ја завршуваат својата работа. Од Технолошко индустриските развојни зони за Денар велат дека сè што се презема во справување со корупцијата во земјава придонесува кон подобра економија воопшто и подобри јавни услуги за граѓаните и компаниите. Од институцијата која што е надлежна за странските инвеститори сместени во зеоните низ земјава велат дека, ТИРЗ конкретно постојано работи на унапредување на своите услуги и додаваат дека тоа го прават заедно со компаниите според нивните потреби.

„Изработивме нова методологија за доделување на државна помош, го подобривме упатството за подобни трошоци, а Дирекцијата го имплементираше меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001:2016, со што стана една од првите државни институции со интегриран систем за антикорупција. Примерот на ТИРЗ покажува дека со јасни и транспарентни правила на игра едноставно не оставате простор за такви дејности. Само така може да ја стекнете и оправдате довербата кај инвеститорите. Бројките во изминативе две години покажуваат дека сме го постигнале тоа. Само минатата година имаме постигнато договори од над 430 милиони евра, а отворени се над 2300 работни места“, велат од ТИРЗ.

Бизнисменот Горан Рафајловски пак, смета дека не е во ред Америка да испраќа во Македонија тимови кои ќе ја разбиваат корупцијата. И покрај тоа што вели дека многу ја почитува Америка тој додава дека проблемот со корупцијата треба самите да си го решиме, и тоа системски, односно потребно е политичко – системско решение додава тој. Според Рафајловски, за да дојде некој од САД и да рече дека ќе ја реши корупцијата, тој може да ја реши исклучиво за највисоките раководства кое можело да го следи и да го гледа. Но тука вели се отвора прашањето, што правиме со ешалоните од доле?

„Не може кој и да дојде на власт да си става свои судии. Тоа значи дека судиите им се должни, и кога се должни судиите на власта кои ги ставила тогаш, што се очекува, дека редовно ќе судат? Според мене од 10 судии тројца ќе судат и ништо повеќе, а што правиме со седумте?! Од таа причина, затоа корупцијата е на ова ниво. Корупцијата е на секое ниво. А ние пак, ја произведуваме на најјако. Ние сме сериозни производители на корупција“, вели Горан Рафајловски.

Јавноста со години е сведок на коруптивни зделки од кои дел од нив Јавното обвинителство покренало обвинение, но ретко кој од прекршувачите на законите и етичките норми завршуваат во затвор. Од Европската комисија сметаат дека потребна е конфискација на средствата за кои ќе се утврди дека се стекнати на криминален начин, и тоа на земјава треба да и биде стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Според Американскиот амбасадор во ОБСЕ Мајк Карпентен корупцијата не е само економски проблем, туку тоа е и од национална безбедност. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП