По објавата дека топланите Исток и Запад ќе се тестираат како би функционирале на дизел, осамна информацијата дека топланата Скопје Север веќе работи на гас, но и на мазут, што како погонско гориво е еден од најголемите загадувачи на воздухот.
Користењето на мазутот, притоа, се случува во временски период кога цената на природниот гас е значително намалена, со што паѓаат во вода тезите дека мазутот како алтернативно гориво е поисплатлив. Уште позначајно, состојбите на енергетски план не се нови, што значи дека политиките и одлучите што се носат на ова поле се задоцнети и несоодветно осмислени.
– Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Заштитата на јавното здравје и животната средина исто така секогаш треба да бидат приоритет во носењето на ваквите одлуки – истакнаа од организацијата „Еко-свест“.
Грејната сезона е во полн ек, но начините на кои што ќе се произведува топлина за скопјани се далеку од јасни и во полза на здравјето на граѓаните. Топланата Скопје Север како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.
– Нема информации од Град Скопје дека нешто од ова е направено. Го повикуваме Инспекторат на град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен Пазарен Инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето – објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.
Како што изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, приоритет за владата е да не се создадат ситуации во кои што би се користело алтернативно гориво за топланите Исток и за Запад. Доколку тоа, сепак, се случи, според него треба да биде согласно процедурите, за што има надлежни институции.
– Скопје Север е во сопственост на Топлификација која е во приватна сопственост. Во делот на тоа што користат како енергенс за да произведуваат топлинска енергија, има надлежни институции согласно нивните лиценци кои треба да ги проверат дали се прекршуваат одредбите предвидени во лиценцата, во дозолата која ја имаат за производство на топлинска енергија – рече Бектеши.
За граѓаните, од друга страна, оваа нејасна ситуација значи дека нивното здравје и понатаму ќе биде оставано во втор план, дека еколошките ветувања и борбата за чист воздух ќе биде заборавена, а користењето алтернативни горива, како мазутот, многу лесно може да стане секојдневна практика. Сето тоа ќе се случува и покрај тоа што топланите имаат можност примарно да функционираат користејќи природен гас, чиешто загадување е незначително во споредба со мазутот.