4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕнергетска криза: Кое е најлошото сценарио за зимата?

Енергетска криза: Кое е најлошото сценарио за зимата?

Ако претходните две зими беа обвиени во неизвесност поради пандемијата Ковид-19, претстојната носи не помалку прашања и грижи. Овој пат, сценариото не вклучува вакцини, лекови и карантини, туку сосема различни предизвици, режим на струја, светилки со придушување, проблеми со греењето, а заедно со нив и повисоки сметки.

Европските влади се обидуваат да се подготват за зимата, замислувајќи ги најлошите можни околности. Континентот се соочува со акутна енергетска криза. Може да стане уште покомплицирано доколку Русија дополнително ги намали испораките, пишува „Euronews“.

Иако цените на гасот неодамна паднаа поради невообичаено високите температури, речиси целосното складирање на гас во ЕУ и помалата побарувачка од вообичаената, претстои зимскиот студ. Тој сигурно ќе направи проблеми. Во такви услови, владите во Европа ги повикуваат потрошувачите да ја намалат побарувачката и да се подготват за најлошото во зимските месеци.

Со оглед на фактот дека гасот сочинуваше приближно 20% од производството на електрична енергија во ЕУ во 2020-та година, додека околу половина од потрошениот гас во Европа се користи за греење на просторот во зима, многумина се прашуваат што да очекуваат.

Како изгледа најлошото сценарио за зимата во Европа?

Гасот главно се користи во индустријата, производството на електрична енергија и греењето на просторот, а греењето е последното што се исклучува ако е можно, вели Џек Шарплс, научен соработник во Оксфордскиот институт за енергетски истражувања.

Тоа значи дека ако се прогнозира студено време, веројатно ќе има повик „прво индустрискиот сектор да ја намали својата потрошувачка“, вели Ен-Софи Корбо, глобален истражувач во Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија.

На енергетско интензивните индустрии, како што се производството на челик, стакло или вештачко ѓубриво, може да им се нареди да не трошат гас или електрична енергија во моментите на најголема побарувачка. Може да се плати за затворање на фабриките. Ако тоа не помогне да се намали побарувачката за време на криза, може да има кратења во снабдувањето со гас за бизнисите, што значи дека продавниците и бизнисите можеби ќе треба да се затворат, истакна Шарплс.

Земјите во Европа можат да спроведат и јавна информативна кампања за намалување на потрошувачката.

Во Франција, на пример, потрошувачите можат да добијат известување за намалување на потрошувачката за време на шпиц (наутро и навечер) преку системот „EcoWatt“, кој ја мери потрошувачката на електрична енергија во реално време. Постојат и начини за комуналните претпријатија да штедат енергија, како што е намалување на напонот.

Жауме Лофредо, виш службеник за енергетска политика во Европската организација на потрошувачи, предупреди дека електричните апарати може да работат полошо од нормалното, но ќе продолжат да работат.

Намалувањето на напонот ќе има посериозно влијание врз индустријата наместо врз потрошувачите. Француското јавно претпријатие за електрична енергија „Enedis“ ги извести граѓаните дека ќе има пад на напонот за 5 отсто, што малку ќе ја намали моќноста на електричните уреди. Мобилните телефони може да се полнат побавно и, на пример, осветленоста на светилките ќе се намали.

Најлошото сценарио меѓу најлошите прогнози предвидува постојани прекини на електричната енергија

„Enedis“, кој управува со 95 отсто од француската дистрибуција на електрична енергија, изјави за „Euronews“ дека локализираните, периодични прекини на струја ќе се користат само како „последна опција“ – нешто што не се случило со децении. Овие дејства ќе бидат ограничени на два часа по корисник.

„Во Пакистан, каде што прекините на струја се вообичаена практика, потрошувачите се однапред известени за да можат да се подготват“, вели Лофредо.

„Доколку мал број земји од ЕУ се соочат со прекини на струја, други би можеле да снабдуваат генератори на електрична енергија“, истакна комесарот Јанез Ленарчиќ.

Земјите од ЕУ мора да одлучат на кои индустрии ќе им дадат приоритет во секое кризно сценарио. Телекомуникациските лоби групи неодамна ги повикаа владите да ги ослободат од какви било прекини за да продолжат да работат услугите на интернет и мобилни телефони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП