Деловната активност во еврозоната во септември повторно падна, трет месец по ред, во амбиент на се поизразени ценовни притисоци врз економијата и стандардот на граѓаните, се вели во месечниот извештај на S&P Global. Индексот на менаџери за набавка (PMI) во приватниот сектор на еврозоната падна во септември за 0,7 поени во однос на август, на 48,2 поени и е на најниско ниво во последните 20 месеци, објави истражувачката компанија S&P Global.
Вредностите на индексот пониски од 50 поени укажуваат на пад на активноста. Кога ќе се исклучат бројките од периодот кога активностите беа суспендирани поради строгите ограничувања на пандемијата, септемвриското слабеење на PMI е најголемо од 2013 година, истакнува S&P Global.
Падот се продлабочи и во преработувачкиот и во услужниот сектор, а побарувачката исто така ослабна трет месец по ред, под притисок од повисоките животни трошоци и се поизразениот песимизам. Најлошо е во Германија, чиј PMI во септември беше на најниско ниво од мај 2020 година, со најголем пад на активноста во услужниот сектор за нешто повеќе од 13 години.
Активноста во индустријата, крвотокот на германската економија, исто така падна, иако е нешто поблаг отколку во август благодарение на олеснетите нарушувања во синџирите на снабдување, се вели во извештајот.
Очигледна рецесија
На ниво на еврозоната, наглиот раст на цените на енергенсите дополнително ги зголеми трошоците на компаниите, а во некои случаи го ограничи производството, така што индексите што покажуваат движења на цените сигнализираат повторено засилување на инфлаторните притисоци.
„Рецесија во еврозоната е многу веројатна бидејќи компаниите известуваат за влошување на деловните услови и засилување на ценовните притисоци поврзани со наглото зголемување на трошоците за енергија“, рече Крис Вилијамсон, главен деловен економист во S&P Global Market Intelligence.
„Првата проценка на PMI укажува на намалување на економијата од 0,1 отсто во третиот квартал“, додаде Вилијамсон. Вработеноста се зголеми со исто темпо како и во август, кога растот беше најслаб во последните 17 месеци, што според S&P Global ја одразува зголемената воздржаност на работодавците при вработувањето.
Во такви услови, очекувањата на деловните лидери за следните 12 месеци нагло се влошија и се лизнаа на најниското ниво од мај 2020 година. Убедливо најголемо влошување е забележано во Германија, додека во Франција очекувањата се малку подобрени, покажува извештајот.