Цените на нафтата денеска се стабилизираа над нивото од 90 долари, поддржани од геополитичките ризици кои ги засенија стравувањата дека заострената монетарна политика во голем број големи економии ќе предизвика рецесија и ќе и наштети на побарувачката. На лондонскиот пазар цената на барел сурова нафта по пладне беше за 71 цент повисока од вчерашното затворање и изнесуваше 90,54 долари. За кратко време поскапе за повеќе од два долари.
На американскиот пазар барелот се тргуваше по 53 центи повисока цена, по 83,47 долари, откако накратко поскапе за повеќе од три долари. Цените силно се зголемија во утринското тргување поради знаците на закрепнување на побарувачката во Кина од строгите мерки поради Ковид-19.
Мобилизацијата на Путин
Најмалку три кинески државни рафинери и една голема приватна рафинерија размислуваат да го зголемат производството до 10 отсто во октомври во однос на септември, поради посилната побарувачка и можниот раст на извозот на гориво во четвртиот квартал, велат изворите.
Цените се поддржани и од можната ескалација на војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин во средата најави делумна мобилизација и ги поддржа референдумите на отцепените украински територии.
Европската унија одговори со најава на нови санкции против Русија. Брисел ја разгледува можноста за ограничување на цената на руската нафта, построги ограничувања за извозот на технологија во Русија и нови санкции за руските државјани, изјавија дипломатите во четвртокот.
Геополитички ризици
Геополитичките ризици го засенија заострувањето на монетарната политика во голем број големи економии. Централната банка на САД во средата ги зголеми каматните стапки за три четвртини од процентен поен, по што следеа швајцарските и британските централни банки, обидувајќи се да ја скротат инфлацијата.
Европската централна банка веќе ги зголеми пред десет дена, исто така за три четвртини од процентен поен. „Тоа само покажува колку е синхронизиран тековниот циклус на затегнување на монетарната политика“, посочува Дојче банк.
Зголемените трошоци за задолжување може да предизвикаат рецесија, што би значело послаба побарувачка за нафта. Кочница за цените беше и информацијата од владата во Вашингтон дека залихите на сурова нафта во САД минатата недела се зголемиле за 1,1 милион барели. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денеска одделно објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во средата паднала за 24 центи на 96,31 долар.