19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтервју со Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски: Струјата од први јануари нема...

Интервју со Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски: Струјата од први јануари нема да поскапи ако ЕСМ си ја заврши својата работа!

Денар: Прво и главно прашање кои ги интересира граѓаните е колку би поскапела струјата по Нова година?

Марко Бислимовски: За да има корекција на цената на електрична енергија треба да има прво барање за тоа. Но, прво треба да се направат сите напори, да се обезбедат сите потребни ресурси, да се обезбеди јаглен, мазут, поевтин природен гас, за да може да обезбедиме електрична енергија како држава за да им се помогне и на компаниите кои се излезени на слободниот пазар на електрична енергија како и на јавните комунални претпријатија кои се излезени на слободниот пазар на електрична енергија. Прво треба да видиме колку ќе не чини таа енергија од Бугарија, па се најавува дека ќе се обезбеди поевтин природен гас. Да го видиме тоа па на крајот ќе видиме што ќе ни достави ЕСМ. ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН ХОМЕ за од први јануари да помогне и за загубите во дистрибутивната мрежа, и во преносната мрежа, па дури потоа ќе видиме. Најдобро би било, секој да си ја гледа својата работа. Регулаторната комисија за енергетика ќе анализира дали воопшто има потреба за зголемување на цената. Сега сме септември, рано е, да ги видиме бројките какви ќе бидат.

Денар: Во последниов период беа актуелни кражбите на електрична енергија, или губитоците на ЕВН, тие губитоци или кражби на струја влегуваат ли во формирање на цената на електричната енергија која на крајот ја плаќаат сите граѓани?

Марко Бислимовски: Апсолутно не влегуваат. Имаме загуби на електрична енергија во дистрибутивна мрежа и загуби на електрична енергија во преносна мрежа. Тоа се загуби и тоа е техничка работа. Загубите во преносна мрежа се околу 1,2 отсто иако со нашиот правилник се дозволени три отсто, а во дистрибутивната мрежа признаваме загуби од 12,4 проценти. И тоа ние ги намалуваме секога година. Единствена причина зошто порасна цената за мрежарина е бидејќи е зголемена и цената на електричната енергија за обезбедување на тие загуби. Ако лани била 3,74 оваа година ни е 10,96 денари. Тоа е цена на тендерот која ја понуди ЕСМ за дистрибуција. Кога ние ја определубаме крајната цена признаваме 100 процентна наплата на електрична енергија, и за снабдување и за дистрибуција. Не признаваме намалени количини поради кражба. Тоа си е проблем на ЕВН ХОУМ, односно Електродистрибуција.

Денар: Се изменија правилата за монтирање на фотоволтаици, колку сега ова ќе помогне во борбата против  енергетска криза, кои се бенефитите за домаќинствата, а какви ќе бидат поволностите за компаниите?

Марко Бислимовски: Надлежен за тој правилник е Министерството за економија, а потоа тоа е донесено и на владина седница. Тоа што е факт во изминатиот период е дека од први јануари до сега Регулаторната комисија за енергетика има издадено лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици некаде помеѓу 65 и 70 мегавати. Тоа е на некое ниво како што е електраната Козјак. Ние неделно добиваме од 20 до 30 барања за фотоволтаици. И гледаме во максимални рокови да ги издаваме сите тие лиценци. Доколку документацијата е целосна ние издаваме лиценца за дваесетина дена. До крајот на годинава верувам дека ќе издадеме лиценци за производство на електрична енергија повеќе од 100 мегавати. Со правилникот кој го донесе владата се овозможи поставување на фотоволтаици до шест киловати кај домаќинствата и за тоа не треба лиценца, и ми се чини до 40 киловати за поставување кај компаниите, и за тоа не треба лиценца. Лиценца е потребно за вршење на енергетска дејност, за некој што поставува фотоволтаици над 60 коловати.

Денар: Побаравете од Владата да го разгледа барањето на Здружението на јавните комунални претпријатија кои стравуваат за иднината на овие компании поради високите сметки за електрична енергија, каде го гледате решението?

Марко Бислимовски: Сите јавни комунални претпријатија според Законот за енергетика ги исполнуваат условите електричната енергија да ја купуваат на слободниот пазар. Најголем дел од нив веќе добиваат сериозно високи фактури на месечно ниво кои се повисоки од вкупните приходи кои што ги направило едно јавно комунално претпријатие на месечно ниво. Тоа значи дека 100 постотна наплата да има претпријатието не стасува да се плати сметката за струја. Да не зборуваме за плати на вработените, за тековни трошоци во работењето за инвестиции за тоа би немало ништо и тоа е веќе сериозен проблем. Мора да се најде начин да им се помогне на овие јавни комунални претпријатија, се со цел да им се намали трошокот за електрична енергија.

Денар: Доколку нема решение, треба ли да стравуваат граѓаните дека драстично ќе се зголемат сметките за вода, или пак ќе снема вода за пиење ?

Марко Бислимовски: Ниту едно домаќинство, нема да биде исклучено од системот за водоснабдување, бидејќи тоа е забрането со нашите правила. Ние и да ја зголемине цената, во зависност од јавното претпријатие, нема да дозволиме драстично зголемување на сметките бидејќи луѓето ќе престанат да плаќаат. Екстремно зголемување не е решение на проблемот. Ќе се намали процентот на наплата, и на крајот на денот овие јавни комунални претпријатија, пак ќе го имаат истото ниво на собрани пари од наплата.

Денар: Како да им се помогне на компаниите од приватниот сектор во оваа енергетска криза, се погласни се нивните барања, но и стравување дека голем дел ќе згаснат доколку не добијат помош од државата?

Марко Бислимовски: Апсолутно, и компаниите кои се на слободниот пазар се соочуваат со екстремно високи сметки за електрична енергија. Не може компанија во Македонија да издржи цена од 500, 600 или 700 евра за мегават час. Тоа апсолутно нема никава логика. Дури и компании кои вршат услужни дејности кај кои сметката за струја во структурата влегува со 2 или 3 отсто во вкупните трошоци, а сега тој процент надминува и 15 или 20 проценти и тоа е веќе сериозен проблем. Кај оние пак кои имаат производствени процеси проблемот со трошокот на струја е уште поалрмантен. Државата апсолутно мора да помогне. Еден од начините е обезбедување на поевтина електрична енергија од Бугарија.

Денар: Заврши јавниот повик за пријавување на компании заинтересирани за превземање на бизнисот со топлинска енергија во Скопје. На тендерот се појавија само ново формираните јавни претпријатија на ЕСМ, кога граѓаните да очекуваат тие претпријатија да почнат со работа?

Марко Бислимовски: Тендерот беше распишан од страна на владата, таа треба врз основа на доставена документација да види дали се исполнети условите согласно тендерот и ако е се во ред тогаш треба компаниите кои што ги формираше ЕСМ да достават барање за вршење на соодветни енергетски дејности до Регулаторната комисија за енергетика.

Денар: Кога граѓаните би можеле да очекуваат намалување на горивата во Македонија?

Марко Бислимовски: Конкретно последниве десетина дена има и намалување и зголемување, но постои тренд на намалување кај дизелот, и тоа што може да се забележи е дека има и намалување на курсот на доларот. Пред две недели курсот на доларот стаса до 62,2 денари, а сега гледам дека курсот на доларот во последниве неколку дена е 60,5 или 60,7 денари, сакам да верувам дека, краткорочно кажувам, можеби во следната недела ќе имаме и одредени промени во цените на нафтените деривати. Но не можеме да констатираме со сигурност, од ден на ден се менува ситуацијата. На изјава на политичар се менува цената на природниот гас, се менува цената на нафтените деривати. Многу е тешко да се предвиди, и во крајна линија ништо не зависи од нас.  

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП