Нов орган на Европската Унија за борба против перење пари започна со работа од своето седиште во Франкфурт, објави ДПА.
Новата агенција, официјално позната како Управа за борба против перење пари (AMLA), има за цел да ја координира работата на националните структури за подобро справување со овие практики.
Нејзина задача е да врши директен надзор над околу 40 меѓународни банки со висок ризик од перење пари, вклучувајќи ги и давателите на услуги поврзани со средства од криптовалути.
Со повеќе од 400 вработени, органот е задолжен и за координирање и поддршка на националните супервизори.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбеил изјави за ДПА дека агенцијата ќе ги зајакне европските напори за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
„Сакаме да ги погодиме измамниците, даночните затајувачи и перачите на пари таму каде што најмногу ги погодува, парите и средствата што ги стекнале нелегално“, рече Клингбеил.
Шефицата на органот, Бруна Сего, изјави за германскиот новински веб-сајт „Tagesschau.de“ дека во Европската унија моментално има 27 земји-членки со 27 различни системи за борба против перење пари.
„Не смее да има никакви дупки во законот што криминалците можат да ги искористат“, рече таа.
Франкфурт ја доби понудата за домаќинство на новата агенција во февруари 2024-та година, победувајќи ја конкуренцијата од Рим, Виена, Даблин, Мадрид, Брисел, Париз и други градови.
Сепак, Германија има лоша репутација за перење пари, а плаќањата во готово остануваат широко распространети, објави ДПА.