Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, се раздели со повеќе од 3,3 милиони акции од својата компанија во продажба вредна приближно 736,7 милиони долари, според финансискиот документ објавен во вторник и цитиран од „CNBC“.
Продажбата е дел од однапред договорен план за тргување што Безос го прифати во март. Според тој договор, Безос планира да продаде до 25 милиони акции на „Amazon“ во период што завршува на 29-ти мај 2026-та година.
Безос, кој се повлече од функцијата извршен директор на „Amazon“ во 2021-ва година, но останува нејзин претседател, редовно продава акции на компанијата во последните години, иако останува најголемиот поединечен акционер. Тој усвои сличен план за тргување во февруари 2024-та година, кој предвидуваше продажба на до 50 милиони акции на „Amazon“ до крајот на јануари оваа година.
Безос претходно изјави дека ќе продава акции на „Amazon“ во вредност од околу 1 милијарда долари секоја година за да ја финансира својата компанија за истражување на вселената „Blue Origin“. Тој, исто така, донираше акции на „Day 1 Academies“, неговата непрофитна организација која гради синџир од предучилишни установи инспирирани од Монтесори во неколку држави.
Најновата продажба на акции доаѓа откако Безос и Лорен Санчез се венчаа на раскошна церемонија во Венеција минатата недела. Се проценува дека тридневната свеченост исполнета со ѕвезди, која предизвика протести од некои локални жители, чинела околу 50 милиони долари.
Безос е трет на индексот на милијардери на „Bloomberg“ со нето вредност од околу 240 милијарди долари. Тој е зад извршниот директор на „Tesla“, Елон Маск, кој вреди 363 милијарди долари, и извршниот директор на „Meta“, Марк Цукерберг, кој вреди 260 милијарди долари.